Уште еден Албанец pacпали за воведувањето двојазичност во приватни фирми: “Кој се тие Албанци кои не знаат македонски?”

Граѓанскиот активист и колумнист Ерол Шаќири со неколу прашања и пораки до лидерот на БЕСА, Касами и неговиот предлог „приватните компании треба да спроведат двојазичност, затоа што дел од дипломираните Албанци не говорат македонски јазик“.

„Касами, лидерот на БЕСА, моите фаворити за внесување некоја нова вредност на македонската политичка сцена дури сега читам изјавил: „дел од дипломираните Албанци не говорат македонски јазик, затоа приватните компании треба да спроведат двојазичност“.

Кои се тие Албанци кои не знаат да говорат македонски јазик кој чисто за информација е задолжителен во образованието? Дали се со ограничени способности, дали интелектуалниот капацитет не им дозволува да говорат на повеќе од еден јазик?

Ја споменуваме Швајцарија како референца постојано, во која официјални јазици се германскиот, францускиот, италијанскиот па и ретро романскиот и ние сакаме да бидеме Швајцарија? Таму сите ги говорат сите јазици плус англискиот. Во Либан сите говорат арапски, шпански, француски и англиски. Доколку кај Македонците постои одбојност кон албанскиот јазик (да претпоставиме), твојата порака до Албанците е да не учат македонски јазик?

Па што те прави поразличен тогаш тебе од македонскиот националист? Наместо да ги советуваш Албанците да учат македонски, наместо да се занимаваш со причините зошто некои „дипломирани Албанци“ не знаат македонски јазик ти повикуваш да се прилагодат приватните компании на овие „дипломираниве“. Сакате Швајцарија а не сакате да се однесувате како Швајцарци, сакате Шведска а не сакате да бидете Швеѓани.

Одговорен политичар треба да дава одмерени изјави, во тоа барем се надевав од страна на БЕСА. Идеално би било сите во земјава да знаеме македонски, албански, туски, ромски, српски, влашки, но ете не е така, можеби некогаш ќе биде така, а улогата на политичарите е да створат клима и услови за тоа.

Јазикот е средство за комуникација и пред сè вредност. Познавањето на јазици е богатство, тоа не може да го разберат само луѓето со затруен националистички ум (карактеристично за Балканот).

Ако советуваме сите да го учат само својот јазик како ќе се разбереме меѓусебно? Со вакви иритантни изјави правите двоен ефект, го обесхрабрувате другиот да учи албански и во исто време го насочувате Албанецот да не учи македонски, а тоа никако не оди во прилог на „едно општество за сите“ кое го промовира коалицијата на која припаѓате.

Верувам дека „јазикот на кој говорат 20%“ ќе се преименува во албански јазик, верувам дека се поголем број на Македонци ќе го знаат албанскиот јазик, но исто така сметам дека СРАМОТА е еден Албанец кој живее во Македонија да не го говори македонскиот јазик. Пишав еднаш во колумна, не можете ДУИ да го победите на ваков начин, дајте нешто ново, дајте нешто граѓанско, дајте нешто различно што ќе привлече, а не одбие.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.