Ученици од Прилеп со нивниот професор по географија, во три недели ги искачија трите највисоки врвови во Македонија (ФОТО/ВИДЕО)

Наставникот по географија во ООУ “Кире Гаврилоски – Jане” oд Прилеп, Милан Јаковоски, на оригинален начин избрал да им ги доближи убавините на Македонија на своите ученици, а со тоа и да им го збогати нивното знаење по наставниот предмет. Тој избрал седум дестинации за искачување, а учениците со задоволство ја прифатиле оваа идеја.

Главната цел на геофрафската секција која ја предводи Јаковоски, е да се потикнат учениците да ја запознаат подобро природата и планината во нивната околина и во иднина почесто да ја посетуваат планината, да ја негуваат и да ја одржуваат, но и да стекнат навика, за спор и рекреација што го подобрува нивото на здрав живот. За да биде предизвикот кај учениците уште поголем во оваа секција освен планините и врвовите во околината на Прилеп како предизвик ги ставив и трите највисоки врвови во Македонија (Пелистер, Титов Врв и Кораб). Ваква настава се практикува во голем дел од развиените земји од Европа и светот, се надеваме дека ќе потикнеме да почне да се практикува и кај нас бидеќи е од голема корист кај децата.

Oна што е за пофалба е дека учениците кои членуваат во секцијата, заедно со нивниот професор, во изминатите 3 недели ги искачија трите највисоки врвови во Македонија, Голем Кораб (2753 m), Титов Врв (2747 m) и Пелистер (2601 m).

-Знаев дека можеме! Знаев дека ќе успееме! Верував во Вас! Овој предизвик за некои беше лудост, за некои храброст, за нас реалност. Немам зборови со кои би опишал колку сум среќен и горд на вас – напиша професорот Јаковоски на својот ФБ профил.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.