Ученици на СОУ “Орде Чопела” на проектен состанок во Шпанија

Iskustva_od_proektot_Erazmus_Plus

Се одржа првиот проектен состанок во Шпанија во рамките на Еразмус + проектот, акција К2 за партнерства  меѓу училишта. Во првиот од планираните четири проектни состаноци, учествуваа 6 ученици од СОУ “Орде Чопела”, кои беа придружувани од двајцата наставници Каролина Дамјаноска – координатор на проектот и Билјана Апостолоска. Домаќин беше училиштето од Камбре, Шпанија. Проектот е од програмата К219  за соработка само меѓу училишта и е со наслов “Да го отплетеме минатото, за да ја исткаеме иднината”. Покрај СОУ “Орде Чопела” во проектот се вклучени училишта од Чешка, Шпанија и Италија.

– Низ различни активности беа реализирани целите на проектот преку учење со размена на искуства, истражувања и практична реализација. Учениците во мешани тимови од четирите земји изработија постери со различни содржини од темата текстил како што се “е–текстил”, “нанотехнологија”, “екологија и одржлив развој во контекст на текстилната индустрија”, и др. Најдобрите тимови добија награди, а нашите ученици се покажаа многу успешни, така што  во сите три тима првонаградениот, второнаградениот и третонаградениот тим имаше ученици од СОУ “Орде Чопела”. Учениците активно учествуваа во работилниците за креирање на е-текстил, при што тие користеа електронски елементи да направат “паметни” материјали. Активноста со радост ја прифатија сите ученици и тие беа видно мотивирани, а радоста беше огромна кога успеваа врвно да ја завршат практичната работа од областа на електрониката. Учениците ја посетија и се запознаа со компанија “Pull and Bear”. Имаа и посета и презентација во истражувачкиот центар за нанотехлогија на Универзитетот од Ла Коруња, Шпанија. Беше посетен и музејот во Сантијаго де Компостело, каде ја откријаа историјата на текстилната индустрија во Галиција. Секако не изостана и дружбата и посетите на културно историските споменици од областа Галиција која што беше организирана од нашите домаќини – вели Каролина Дамјаноска, координатор на проектот.

Престојот во Шпанија бил окончан со електронско тестирање да се процени степенот на наученото и наставниците да имаат увид во која насока да ги организираат следните активности за учење.

Проектот почна од септември 2016 година и ќе трае до август 2018 година. Досега се реализирани еден транснационален состанок во Чешке Будејовице (само за професори) и првиот проектен состанок во Шпанија (за ученици и наставници) кој се реализираше од  27.11. до 03.12.2016 год. и на кој беа реализирани најразличните активности.

Следниот проектен состанок ќе се одржи во Италија во април за кој подготовките се веќе започнати.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.