Новата учебна 2023-2024 година би можела да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Но, може да остане и вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Според министерот за образование, Јетон Шаќири, овие измени за кои владата треба да одлучи се прават, за да се зголеми продуктивноста на учениците и наставниците.
-На почетокот на септември имаме празник и имаме период во кој голем дел од учениците, од нашите податоци што ги имаме, ги користат летните одмори на почетокот на септември. Второ е дека одмор во пролетните месеци, според кажувањата на наставниците, придонесува во педагошката смисла за учениците и за наставниците. Сите можности се отворени, ќе видиме и ќе се договориме како ќе одлучиме – изјави Јетон Шаќири, министер за образование.
За ваквите предлози зелено светло даваат и од СОНК. Претседателот на синдикатот Јаким Неделков вели дека сепак се потребни издржливи аргументи за секој предлог. Но и самиот вели дека светот се менува и оди напред, а Македонија мора да ги следи позитивните промени.
Според Неделков, наставниците секогаш се принудени на летен одмор да одат во јули и август додека учениците немаат настава, а никогаш немале можност да летуваат во септември.
Тие немаат можност да летуваат со поевтини цени, а вака ќе заштитат 100-тини евра за користење на летен одмор – рече Неделков во вестите на „Телма“.