Во рамките на проектот “Од 0 до култура”, кој се реализира со свирки во живо секој четврток на Камената бина во центарот на Прилеп, утре (22 август) со свој трибјут на Ерик Клептон ќе настапат најпознатите блузери од Прилеп, CROSSROAD BLUES BAND.
CROSSROAD B.B. е музичка формација од Прилеп, формирана на крајот од минатиот век или поточно 1997год. од двајца фанатични влубеници во блуз музиката односно Александар Дворчанец – Сале, и Бранко Нешкоски – Бане.Можеби гранитното опкружување околу градот или пак аромата на тутунот која се шири по градските улици,се покажаа како успешна почва за развој на блузот. Од локална атракција низ годините CROSSROAD B.B. прерасна во еден сериозен бенд кој музицира покрај во својот град , во скоро сите градови на Македонија, а од 2008год па се до 2018год. настапува на скоро сите престижни фестивали и места во регионот каде се негува и свири блуз.
Има настапувано на фестивали во Бугарија (Софија, Бургас, Петрич, Габрово) во Србија ( Врање, Ниш, Kрагуевац, Смедерево, Белград, Панчево, Кикинда, Суботица, Нови Сад, Сента), во Хрватска ( Жупања, Ријека, Кастаф, Умаг, Сплит, Дубровник, Опузен, Имотски и многу други места) Словенија во Копар, во Црна Гора во Подгорица и Никшиќ, во Босна и Херцеговина ( Мостар, Бања Лука, Приједор, Доњи Вакуф, Сараево и многу други)
Поминатите километри и настапи на бендот му донесоја многу искуство во живите настапи, многу самодоверба бидеќи го вкрстија “оружјето“ со скоро сите блузери во регионот, и многу пријателства кои траат до ден денес.
Оваа приказна беше грубо прекината со прераната смрт на Сале, фронтменот и моторот на бендот во ноември 2018год. Со неговото заминување бендот изгуби многу, а и блузот во Македонија воопшто.
Во периодот од 1997год до 2018г. CROSSROAD B.B. сними три албуми од кои два авторски со кој ја промовираа блуз кирилицата (односно блуз нумери на македонски јазик) и еден албум со обработки на блуз нумери кои и самите автори ги беа заборавиле (не толку познати парчиња музика во блуз манир). Важно е да се спомене дека Сале беше автор на скоро сите текстови од авторската музика кои не беа само текстови, тоа беа реални приказни од неговиот живот кој иако краток беше преполн со случки и настани.
После почетниот шок предизвикан од заминувањето на Сале бендот одлучува повторно да работи оти само со континуирани настапи и музика ќе се залечат раните од загубата, а и името на Сале ќе продолжи да живее низ музичките настапи на бендот.
Сегашната формација на бендот е следната:
Давид Нешкоски – вокал и гитара
Бранко Нешкоски – гитара
Зоран Настески – тапани
Љупчо Шилоски – бас
Во последниот период бендот доби вокална подршка од два прекрасни женски вокали Александра Трајческа и Викторија Георгиоска, со што е збогатена музичката слика на цел бенд.
Ова е во кратки црти биографијата на бендот за кој може да се пишува со денови посебно ако авторот на текстот е директен учесник од основањето па се до ден денес.
Настапот на Crossroad Blues Band започнува со почеток од 21:00 часот.