Утре со почеток од 20 часот, во срцето на Прилеп, на централниот градски плоштад, ќе се одржи голем целовечерен настан за одбележувањето еден век од постоењето на Прилепска Пиварница.
Прославата ќе биде исполнета со добра музика и забава за сите, а ќе настапат реномираните артисти Марија Шерифовиќ, „ДНК“ и „Тропико бенд“, кои ќе се погрижат да приредат незаборавна вечер што долго ќе се прераскажува. За уште поголемо уживање, за времетраењето на настанот, пијалаците на Прилепска Пиварница на настанот и во угостителските објекти во Прилеп ќе се продаваат по промотивна цена.
Заради безбедна реализација на прославата на 100-годишнината, Прилепска Пиварница известува дека во Прилеп ќе биде воведен времен режим на сообраќај со кој ќе биде затворен дел од булеварот „Гоце Делчев“, и тоа на потегот од крстосницата со ул. „Кузман Јосифоски“ до крстосницата со ул. „Прилепски Бранители“ во периодот од 12 часот на 12.7.2024 до 12 часот на 14.7.2024, а сообраќајот ќе се пренасочува кон околната улична мрежа. За максимално уживање на забавата, Прилепска Пиварница праќа апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, а возилата да се паркираат на безбедни и означени места, следејќи ги упатствата на службите за паркирање и насоките на полициските службеници и редари.
На денешната прес конференција Генералниот директор на компанијата, Сашо Самарџиоски, информираше дека пивата “Златен Даб” и “Крали Марко”,во сите угостителски објекти ќе се продаваат по 50денари, а иста ќе биде цената и на штандовите.
Во центарот на Прилеп веќе е монтирана фестивалска бина, како што рече Самарџиоски, како во златните времиња на “Пиво Фест”, а ќе има и 12 шанкови каде граѓаните ќе можат да купат пијалок и да се разладуваат.
За разлика од “Пиво Фест”, нема да има штандови каде ќе се приготвува скара, ниту место за седење. Јубилејниот настан е замислен повеќе како концертно случување, каде граѓаните со пијалок ќе можат да уживаат во музичката понуда.