Традиционално за празникот Иванден во Прилеп секогаш се прават кравајчиња, се даваат на децата кои најмногу им се радуваат, посебно заради шарените бонбони со кои се украсуваат кравајчињата. Бабите редовно ги прават за своите внучиња, а за помладите кои сакаат за прв пат да се пробаат и да ги приготват, еве еден убав рецепт:
Состојки:
500 гр. брашно
5 лажици шеќер
1 лажица кафеав шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
20 гр. пресен квасец
75 мл. масло
125 мл. вода (млака)
100 гр. тврди бонбони во боја
за премачкување
2 лажици шеќер
1 лажица вода
малку масло, малку кафеав шеќер
1. Брашното се просејува, во него се става белиот, кафениот и ванилиниот шеќер, квасецот (издробен), маслото и се замесува со млаката вода. Се меси во сад додека да се соединат состојките, а потоа на подлогата на која се меси се тура малку масло, се измесува тестото и истото се прави уште 2 пати со по малку масло.
2. Се меси 15-20 минути додека да се добие мазно, средно меко тесто.
3. Се остава на топло да кисни околу 30 минути, после тоа пак се премесува убаво. Се сечи на 4 топчиња од кои се формираат кравајчињата, се сплескуваат и се редат во намастен плех да киснат уште 30-тина минути.
4. На поднараснатите кравајчиња им се редат шарените бонбони кои се стискаат да подвлезат во тестото, се премачкуваат со масло и се ставаат да се печат на 170 степени 20 минути. Потоа плехот се вади од рерната, кравајчињата се премачкуваат со растопениот шеќер и вода (јас ги посолив и со малку кафеав шеќер), се враќа во рерна и се пече на 150 степени уште 10 минути.
Испечени, кравајчињата се попрскуваат со малку млака вода и се покриваат со крпа. По желба во тестото може да се стави рендана кора или сок од лимон (тоа е според вкус кој сака), а пред печење кравајчињата може одозгора да се посолат со сусам или афион.
На здравје и за многу години Иванден!