„Успехот на еден е успех на сите“ – “Англиски кај Марија” прослави 6-ти роденден! 6 години едукација со резултати (ФОТО)

Најпознатото училиште за изучување на Англискиот јазик, “Англиски кај Марија” го прослави својот шестти роденден. Основано на 1.јули, 2019 год, ова училиште во изминатите 6 години прерасна во број еден центар за изучување на Англискиот јазик во Прилеп. Учениците кои посетуваат часови лесно и брзо го совладуваат странскиот јазик без кој не може да се замисли современото живеење. Професорката Марија Дулеска е горда на своите и успесите на учениците, а секое нивно достигнување е мотив повеќе во работата. Ние беше чест да присуствуваме на роденденот на училиштето, а во продолжение низ разговор со Дулеска детално ве запознаваме со можностите кои ги нуди “Англиски кај Марија”.

– За љубовта кон Англискиот јазик најзалужна е мојата покојна мајка Дора, која и покрај сите притисоци да не се запишам заради презаштитеност од страна на татко ми и баба ми, на 8 годишна возраст, во трето одделение, започнав да го изучувам Англискиот јазик, во тогашниот единствен пионерски дом ”Мирче Ацев”- Прилеп. Паметам, се изучуваа основни поими – членови на семејството, овошје… Учевме Англиски јазик до осмо одделение, немаше во основно втор странски јазик и се учеше Англиски од петто одделение во редовното образование на основното училиште. Продолжив да го изучувам јазикот во гимназија, иако тогаш имаше само два смера – општ и природно математички, одбрав општ. Од петто одделение сакав да бидам професор по Англиски јазик, што и денес сум. Нема поголема награда да го работиш со леснотија она што го сакаш и поголема казна да го работиш со мака тоа што не го сакаш, а мораш. Јас ја обожавам и бескрајно ја сакам својата професија. Растежот на “Англиски кај Марија” започна кога почина мојата мајка – шест години од нејзината смрт, шест години постоење. Ќе движам и пресметувам во таа насока. Отворено е во нејзина чест и е спомен на двајцата родители. Тука е и татко ми, кој подоцна ми даде исто безрезервна поддршка. Мајка ми беше со поотворени сфаќања и видици – во 70-тите години живеела во Торонто, Канада, и оттогаш ја знаеше важноста на познавањето и употребата на Англискиот јазик. Денес “Англиски кај Марија” има 7000 следбеници на социјалните мрежи, а второто име на училишето е ДОРА.

Дулеска во продолжение преку осум сегменти од работењето го опишува функционирањето на нејзиното училиште и нејзините секојдневни активности на повеќе полиња, а со цел што подобро пренесување на знаењето на своите ученици, од најмали до највозрасни.

1.ИДИВИДУАЛИЗИРАН ПРИСТАП
Нешто по што сум поинаква и препознатлива. Јас не работам во групи. Бројноста постојано се одржува и зголемува. Со секој ученик работам засебно и индивидуално го следам. За мене тоа е потешко – 6 клупи, 6 различни нивоа во исто време. Секој индивидуално и различно работи и никој со никој не е поврзан. За мене е најлесно да работам во група, кој разбра, разбра, но не е така. Ефектот вака е многу поголем. Секој ученик напредува индивудално, под мое водство, и можам да се пофалам дека имам ученици кои сега се 2 години НАД својата матична возраст. На пример, ученикот е петто одделение, а стасал да работи материјал за седмо. Со сите работиме LEVEL UP, кој до каде ќе стаса. Работам исклучиво со физичко присуство, затоа што ОН ЛИНЕ наставата не дава никакви резултати. Влогот, и интелектуален, и материјален би бил залуден. 60 минути физичко присуство, работа 1 на 1, има моќни резултати. Ученикот се соочува со сам себе и мора да сработи. И сработува. Секако редовноста, дисциплината и истрајноста се клуч на успехот.

2.МАТУРА
Учениците се поднавикнати помалку да учат и некако бираат на полесен начин да ги поминат обврските, но тоа не оди баш така. Целта не е да се препише. Општеството треба да почива на квалитет и вистински цврсти, применливи знаења. За тоа сите треба да работиме. Дисциплина, спремност, почит, напорна работа… се тоа треба да се наши императиви. Многу ми сметаат одредени состојби во образованието. Подготовките за полагање на матура треба тековно да се одвиваат, од еве да речеме четврто одделение, до четврта година на средното образование. Има огромни теми кои треба да се совладаат и покријат – од читање на текстови со разбирање, од беспрекорно познавање на вокабулар и граматика при трансформации, од изработка на CLOZE, од развивање на вештини за пишување, поедноставен маил на дадена тема, до развивање на вештина на пишување на ARGUMENTATIVE ESSAY, каде што треба да се заземе позција со аргументи, нештото да се одбрани или да се побие. А темите, темите знаат да бидат, и треба да се “скокотливи”, што според мене е сосема оправдано од две причини: Младите мора да имаат свој изграден став за одредени теми, и мора да знаат да развиваат аргументи по однос на истото. Тука исто многу моќно е познавањето на правилната употреба на формите на зборови при зборообразувањето. Најлошата работа што ми се случува секоја година е дека идните матуранти се јавуваат за спремање два месеци пред полагањето. Објаснувам дека невозможно да се покријат осум години образование за два месеци, но не им е важно. Важно им да е поминат, па и со двојка, или да препишат. За мене двојката никогаш не била опција. Препишувањето за мене е страшна слабост. Затоа постојано апелирам на навремена, систематска, тековна, длабока и темелна работа.

3.ВОЗРАСНИ
Се повеќе возрасни се пријавуваат да го изучуваат Англискиот јазик. Она што го пропуштиле во минатото, го надополнуваат сега. Сами и своеволно, а на мое големо задовослство, се јавуваат. Им праќам индивидуален стандардизран тест, кој го решава секој возрасен. Утврдувам ниво од каде да почнеме, секој си порачува програма за работа. Работам по програмите на English Download a1- c2 од Hamilton House Akademska kniga Skopje, Hamilton House Publishers. На крајот на секој курс се добива лиценциран и валиден сертификат на соодветното постигнато ниво. Ги поздравувам сите возрасни, минати и сегашни, и ги охрабрувам и сите останати за започнат, или продолжат, затоа што возрасните имаат понизок степен на верба во себе и поголем срам, што не смее да е така, затоа што зрелоста само означува подготовеност за учење. Огрома благодарност за соработката со Елизабета Јаворац, Ана и цел тим од странство на HAMILTON.

4.МЛАДИНСКИ СОВЕТ
Со години активно сум вкучена во работата на Младинскиот Совет во Прилеп, по однос на предавање на Македонски јазик на волонтери од странство. Тоа значи обратна употреба – се користи Англискиот јазик и се предава Македонски, што за странците воопшто не е лесно. Македонскиот јазик е потежок и има свое посебно знаење и постоење. Има најмногу волонтери од Турција, а има и од Италија, Португалија, најверојатно зависно од повиците и самата програма. Голем поздрав за г-н Зоран Илиески и цел тим на Малдинскиот Совет од Прилеп.

5.ИСКУСТВО
Имам 24 години работно искуство, прв пат се вработив во 2001 год. во ООУ “Гоце Делчев” Прилеп, 8 години бев раководител на ООУ “Блаже Конески” Прилеп, посебно ми одговара оперативниот менаџмент. Англиски јазик предавам 24 години и сум Доцент Доктор со процек 9.40, а магистратурата ја завршив со 10.00 просек. Докторатот ми е оценет со најпозитивна оценка од Универзитетот во Бостон Масачусец, САД. За жал се’ уште не работам во високообразовна институција, што ми е сон. Сум се обратила на повеќе соодветни институции, вратите се затворени, а и на одредени личности кога ќе им споменам дека сакам да работам како универзитетски професор, се потсмеваат и не даваат зелено светло. Јас сум ја одбрала Република Македонија да творам и сум вложила во себе и своето образование, и умствено, и материјално, и инстелектуално, но досега нема резултат. Сепак надежта не умира. Не сакам да се пензионирам како наставник по Англиски во основно училиште, без ралика на општите сфаќања и позиции, секој учел за одредена струка. Но, негативната селекција царува, а ние живееме со неа. Јас ја бирам оваа држава и тука останувам. И чекам. Јас своето го исполнувам. Уште не знам кај да се обратам. Иако вербата некогаш ме напушта, сепак целосно не сум откажана од својот сон – да бидам универзитетски професор. Луѓето не сфаќаат дека никој никого не загрозува ако напредува. Секој трча своја патека и секој носи свој крст. Успехот на секој еден е успех на сите – на општеството, на државата, за иднината.

6.РАБОТА
Работам со сите возрасни групи. Најтешки се најмалите, затоа што вниманието е непостојано, што е нормално за таа возраст. Мојата работа бара многу пишување и тековно разбивање на сите пет јазични вештини. Мојата работа не се фотографии во боја, успехот лежи во моментот кога ќе се земе да се измери кој колку научил. Колоритот на социјалните медиуми и “златно на баба”… не е мој избор. Напорната работа 1 на 1, е тука има тежина, и тоа сум јас. Кој ќе издржи и пркоси, ќе продолжи, а кој не, се откажува. Но се повеќе опстојуваат на напорната работа, затоа што ги знаат моите принципи. Сум солидно строга, давам и барам знаење, без разлика дали државна, или приватна работа. Се’ е по слободна волја, без уцени.

7.НАЈНОВО
Учествувавме на светски натпревар по Англиски јазик на Hippo English language Olympiad 2025 со двајца мои ученици, Мартин Бошкоски и Дариа Цуцуловска. Лидо ди Јесоло во Италија беше прекрасно и незаборавно доживување и применливост на знаења на светско ниво. Исто така бевме и на Државно натпреварување на ЕЛТАМ по Англиски јазик со ученичката Ања Силјаноска. Учениците се гордост за себе, за нашиот град Прилеп и за нашата држава Република Македонија.

8. ПОРАКА
ТРУД, ВЕРБА, ДИСЦИПИЛИНА, НАПОРНА РАБОТА, ПОСВЕТЕНОСТ, СПРЕМНОСТ, КАВЛИТЕТ = АНГЛИСКИ КАЈ МАРИЈА!

cheers to more!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.