Дека музичкото училиште во Прилеп е ризница на млади и перспективни музичари, сведочат бројните успеси и освоени награди на талентираните ученици од ООМУ “Ордан Михајлоски – Оцка” од Прилеп. Токму тоа повторно го докажаа учениците по пијано од класата на Проф. Христина Никоска.
“Особено сум горда, затоа што се работи за едни од моите најталентирани и вредни ученици, со бројни настапи и награди, кои сведочат за нивните квалитети и нашата посветена работа” – ни открива Проф. Христина Никоска.
На интернационалниот натпревар “Охрид, те сакам”, koj се одржа од 25-29 ноември, нашите млади пијанисти имаа одлични и впечатливи настапи. Во конкуренција со музичари од сите балкански земји, интернационалното жири им додели: специјална прва награда на Арсениј Ангелески, втора награда на Исидора Ангелеска и трета награда на Марија Котеска.
Една недела подоцна, на Фестивалот на млади музички и балетски таленти, кој се одржа во Скопје, малите виртуози повторно успешно се претставија, при што Арсениј Ангелески се здоби со прва награда, а Марија Котеска и Исидора Ангелеска со втори награди во своите категории.
Овој огромен успех на младите и надежни музичари претставува поттик и инспирација за да продолжат со континуирана работа при истражувањето на тајните на пијанизмот, со желби еден ден успешно да не претставуваат на домашните и светските музички сцени.