Вкупно 101 новоизграден социјален стан во Прилеп и Демир Хисар ќе бидат распределени на граѓаните од најранливите категории, најави вчера премиерот Никола Груевски.
Официјално е објавен и огласот на Министерството за транспорт и врски, каде се објаснети сите детали.
Преку овој оглас ќе се распределат 25 социјални станови во општина Демир Хисар во станбенa зградa на ул. „Битолска“ број 6-Демир Хисар и 76 социјални станови во општина Прилеп во станбенa зградa на ул „Пере Тошев“ број 8 -Прилеп.
– Становите ќе се распределат на лица од различни социјални категории согласно Законот. Овие категории се утврдени во Законот, како што се приматели на социјална помош, деца без родители и повеќе други категории на лица кои ќе аплицираат. Распределбата ќе биде електронски, што значи со внесување на податоците за сите баратели ќе се одреди кому ќе му бидат доделени овие станови, истакна вчера премиерот Груевски.
Кој може да поднесе барање?
– државјанин на Република Македонија;
– со постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и
– без стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Македонија.
Корисници на социјални станови може да бидат следниве категории на граѓани кои се станбено необезбедени:
-Деца без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители.
-Корисници на социјална или постојана парична помош.
-Лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта.
-Инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица.
-Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени (согласно “Стратегијата за ромите на Република Македонија“)
-Самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
Потребната документација треба да се достави до Центарот за социјална работа во општината каде е изграден социјалниот стан.
За лицата кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Меѓуопштинските центри за социјални работи во Демир Хисар и Прилеп ќе ја обезбедат потребната помош за обезбедување на целокупната потребна документација согласно објавениот оглас.