Драмското студио при центарот за аудиовизуелни уметности “Креативити” – Прилеп ја подготвува новата театарска претстава – “План за стан” – чија премиера е закажана на 29 Март во големата сала од центарот за култура Марко Цепенков.
“Ова е трета театарска претстава во продукција на “КРЕАТИВИТИ” која за прв пат ќе биде прикажана пред прилепската публика. Претходно членовите на драмското аматерско студио ги изведоа претставите – “КОЈ Е КРИВ”, која беше прикажана и на аматерскиот драмски фестивал во Кочани, а минатата година пред прилепчани се претставивме и со комедијата “КРАЛСКИ ФЕСТИВАЛ”. Во периодот од 5 години колку што трае работата со овие деца на возраст од 8 до 16 години, реализирани се голем број на проекти, хуманитарни активности, организирање на културни настани, гостувања и реализирање на различни работилници”, истакнаа од драмското студио.
“Кога станува збор за оваа театарска претстава, во неа се вклучени 17 ликови кои заеднички креираат една приказна од секојдневието. Текстот е на Никола Димески, режијата на Влатко Петкоски, музиката за претставата ја подготви Дејан Трајкоски, видеото и проекцијата се дело на Златко Костоски, а костимографијата е од нашиот ценар”, додадоа од “Креативити”.
“ПЛАН ЗА СТАН” е урнебесна комедија која не смее да се пропушти, а е наменета за сите генерации. Приказна посветена на семејството на Димитрије Австралиски, за новодобиениот стан на Перо Кондуктеро и неговата вереница Лена и за згодите и незгодите на слугата Сотка. Во претставата играат: Димитар Паскоски, Леона Митревска, Афродита Петкоска, Михаела Јанеска, Антонио Наумоски, Андреј Мојсоски, Александар Пацароски, Исидора Христоска, Анастасија Милошеска, Климентина Митревска, Марко Талески, Марија Ацеска, Деспина Кимоска, Дино Релушкоски, Даниела Димитриоска, Маја Конеска и Ивона Петреска.
Сите овие млади актери се на различна возраст но направија една одлична приказна која ќе понуди многу смеа и уживање за сите оние кои ќе дојдат на 29 Март во големата сала од националната установа дом на култура Марко Цепенков – Прилеп. “ПЛАН ЗА СТАН” заслужува да се погледне, затоа на 29 Март, планирајте си смеа! Влезници ќе има за сите!