Уникатната изложба “Фрагменти” на скулпторот Жарко Башески синоќа отворена во Прилеп (ФОТО)

Синоќа ( 8.11.2019) во ликовната галерија беше отворена изложбата „Фрагменти“ од македонскиот скулптор Жарко Башески, нашиот сограѓанин кој живее и работи во Скопје.

Изложбата предизвика голем интерес, па ликовната галерија беше преполна со посетители кои сакаа да ги видат скулптурите на Башески, изработени од полиестер, силикон, текстил.

Изложбата ја отвори историчарот по уметност Викторија Димеска, која посочи дека творештвото на Жарко Башески е претставено преку бројни самостојни и групни изложби низ земјата и во светот. Неговата изложба „Фрагменти“ содржи дела создавани во различни периоди.

-Во сопственото творештво авторот обработува теми кои се однесуваат на севкупното постоење, природата на битието, општите и фундаментални својства на есенцијата или суштината на животот и апсурдноста, односно безнадежноста како универзална човекова состојба. Користејќи се со материјали како стаклена волна, силикон, полистер, акрилик, природни влакна и текстил, конструира минијатури, скулптури со човечки размер и хипер реалистични фигури. Преку веродостојната и експресивна моќност на реалистичната претстава, односно нераскинливата врска меѓу физичкиот стимул и психичката состојба на фигурата, Башески ја ослободува скулптурата од нејзиниот традиционален концепт и нуди интепретација и релација меѓу делото и определениот простор. Управувајќи со фигурата, како авторот во куклена претстава, Башески ја режира и ја поставува сцената, вовлекувајќи го посетителот во прецизна, директна и активна интеракција со реанимираната фигура, при што, секој поединечно, фигурата и посетителот, ја изведува и артикулира сопствената улога – посочи на отворањето на изложбата Димеска, додавајќи дека современиот човек се соочува со неможноста за идентификување или сплотување со сопствената автентична природа.

Нашите сограѓани изложбата ќе можат да ја посетат во наредните три недели.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.