Уникатен спој на младост и искуство кој ветува одлична забава – Интервју со членовите на Pressident Band

Младиот петточлен бенд Pressident е вистински спој на професионални  млади музичари, кој од неодамна стана силна конкуренција за другите музички состави што ја негуваат македонската народна музика. Заедно се осум месеци на сцената, но музицираат како да се познаваат цел еден век. Вокалните способноти на фронтменот Мартин Стојаноски се познати за пошироката публика од неговите настапи на музичкото шоу “Ѕвездите на Гранд”, каде ја освојуваше  публиката и жири комисијата. Pressident Band е нешто ново, уникатно и секогаш ветува прекрасен помин и забава.

13

Кажете ни нешто за себе, од кога функционирате заедно како бенд и кои се членовите на бендот?

Пред се голема благодарност до маркукуле.мк на поканата за ова интервју. Ние сме релативно нов бенд, заедно сме скоро осум месеци. Бендот се состои од пет членови: Мартин Стојаноски – вокал, Васко Бошкоски-кларинет и саксофон, Крсте Бошкоски- хармоника, Филип Аризанкоски- клавиатури ( бас ) и најмладиот член на бендот Кирил Мулоски –ударни инструменти.

Како настана Pressident Band, кој е најзаслужен за овој музички спој, односно кој беше иницијатор за да функционирате заедно?

Како најзаслужни за овој музички спој нормално се постарите членови на бендот, браќата Васко и Крсте. Уште на првата проба веднаш се осети дека можеме да функционираме заедно и дека сите сме со иста цел, т.е. сериозна работа, почит меѓу нас и взаемно вложување труд, само тоа е патот до успехот. Во врска со името на бендот, сакавме да биде препознатливо и уникатно и се договоривме да работиме под името Pressident Band.

Каква музика негувате како бенд и каде настапувате најчесто?

Ние сме пред се група која ја негува македонската народна музика , односно што би рекле оние прави македонски веселби. Настапуваме во повеќе градови ширум Македонија, а се надеваме дека понатаму ќе излезат настапи и во странство.

Дали Pressident има до сега сработено некој самостоен проект, песна, спот?

Да, до сега имаме сработено еден самостоен проек , поточно, станува збор за преработка на шест македонски народни песни кои можете да ги слушнете на самиот Youtube канал на Pressident Band.

Кои се вашите планови за во иднина, како планирате да ја градите вашата кариера?

Во план сме најпрво да извадиме комплетно наша авторска песна и спот, потоа повторно да снимиме нови преработки и видео-записи. Исто така имаме во план да учествуваме на некој од нашите фолк фестивали, секако со своја наша авторска песна.

12

Дали е тешко или лесно да се напредува и да се пробива на музичката сцена, имате ли тешка конкуренција?

Како и во секоја работа така и во музиката, доколку се посветиш на работата може да се напредува и да се оди напред. Сега доста голема помош имаме од социјалните мрежи, многу работи учиме преку интернетот, за разлика од постарите групи кои порано немале од каде да црпат инспирација, па морале сами да создаваат музика. За да се пробиеш на музичката сцена, навистина треба да се вложи многу труд и работа, има доста голема конкуренција, многу групи и колеги кои секојдневно работат и вложуваат за да дојдат до позитивен резултат.

Кои се вашите желби, каде би сакале да настапувате, која е вашата цел која сакате да ја постигнете на музичката сцена?

Пред се нашите желби се најпрво да бидеме прифатени од публиката, затоа и работиме,  правиме проби, го вадиме максимумот од нас. Како што споменавме и погоре, би ни било голема чест да настапиме на некој од нашите фестивали со наша авторска песна.

Од кој бенд црпите инспирација, дали станува збор за странската музичка сцена или балканската?

Ние како музичари секако дека црпиме инспирација од се што е квалитетно без разлика дали е странска музика или не, но со оглед на тоа што сме група која ја негува народната музика, нормално е повеќе да црпиме инспирација од балканската сцена, а посебно од македонската, бидејќи во Македонија има одлични музичари и бендови од кои може да се научат многу нови нешта како на музички, така и на промотивен план.

Дали прилепската музичка јавност умее да ја негува народната изворна музика и да ужива во традиционалните домашни звуци или пак моментално нешто друго се бара?

Народната изворна музика од секогаш се негувала и ќе продолжи да се негува, но за жал во Македонија е се поприсутна српската музика. Тоа влијае не само на промовирање на нова  македонска авторска музика, туку и на целокупната музичка естрада. Во Србија има моќни продукциски куќи кои што располагаат со многу повеќе средства, имаат врвна опрема и очигледно е дека ќе имаат поголем успех и ќе доминираат кај нас, но секоја им чест за организацијата, професионализмот и квалитетот на секое нивно музичко шоу.

11

Според она што го имате како искуство до сега, дали е исплатливо, односно дали се живее од музиката, особено кога се зборува за поголем бенд како вас?

И покрај овие кризни времиња кои што се присутни не само во Македонија, туку и пошироко, од народната музика добро се живее, но како што кажавме претходно треба многу труд, работа, нон-стоп да се следат новостите кои што излегуваат, што повеќе промоција – снимање на видео снимки, спототови, проекти…

За крај, што е она што ве исполнува, ве прави среќни… дали е тоа бројноста на публиката, атмосферата, насмеаните лица ….?

Најмногу не исполнува кога ќе видиме дека публиката е задоволна, дека го прифатила она што ние го работиме, нормално добрата атмосфера и насмеаните лица се неизбежна работа. Тоа е она што не исполнува дури сме на сцена, ни враќа еден фидбек за сработеното и ни дава повеќе желба и инспирација за работа.

Повеќе за Pressident Band на нивната фејсбук фан страна

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.