Унгарски министер во посета на најдобриот македонски универзитет

Како да ја направиме ЕУ повторно силна кога се соочува со низа предизвици како на безбедносен, така и на економски план? На оваа тема на Универзитетот Скопје, дебатираа амбасадори, министри и професори, во присуство на почесниот гостин министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока кој одржа и предавање пред студентите.

Тој рече дека само обединета, здружена и единствена Европа може да одолее на сите предизвици и да стане повторно силна.

,, Македонската влада, преку спроведување на неопходните реформи покажува силна волја за европските интеграции, а Унгарија е подготвена да ја сподели својата експертиза и искуства за да помогне во тој процес”, порача министерот Бока.

Ректорот на Универзитет Скопје, проф.д-р Аце Миленковски како домаќин на настанот се заблагодари на Унгарија за долгогодишното пријателство, кое се темели на идејата за создавање на силни и економски просперитетни општества.

,,Нашиот сон за Македонија е да биде подобро место за живеење за сите. Како високообразовна институција постојано вложуваме во подобрување на квалитетот на наставата и за тоа секогаш се водиме од потребите на студентите, бидејќи младите се најважни не само за нашиот Универзитет, туку тие се иднината на државата” порача Ректорот Миленковски.

Заменик- министерката за европски прашања, доц.д-р Викторија Трајков рече дека сите ние би требало да ја направиме Македонија повторно силна за сите граѓани, кои заслужуваат европски живот.

,,Новата Влада донесе промени, но промени на подобро. Со сите наши капацитети се вложивме за да ги зацврстиме нашите позиции, нашите пријателства и да обезбедиме нови партнерства. Со Унгарија негуваме долгогодишно пријателство, кое се темели на идејата за создавање на силни и економски просперитетни општества. Токму со помошта на Унгарија успеавме да ги совладаме тековните предизвици и да помогнеме во заздравување на македонската економија”, порача заменик-министерката Трајков.

Предавањето на министерот за европски прашања на Унгарија, побуди голем интерес и кај медиумите, но и кај студентите кои слушнаа интересни пораки и приказни за патот на Унгарија до европското семејство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.