Унгарија повика на итни мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија, предупредувајќи дека продолжениот конфликт ќе предизвика економска криза што ќе им се заканува на владите ширум Европа, пишува Фајненшл тајмс.
„Брзиот прекин на огнот е единствената шанса на Европа да избегне рецесија“, рече Балаш Орбан, политички директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан, предвидувајќи дека другите влади на ЕУ ќе престанат да даваат воена поддршка за Украина и ќе инсистираат на брз прекин на конфликтот во следните неколку месеци.
Будимпешта долго време беше најблискиот партнер на Москва во ЕУ и предизвика фрустрација во Брисел од почетокот на војната, бидејќи не сакаше да ги прекине сите врски со Русија и да обезбеди недвосмислена поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Некои од унгарските партнери во ЕУ беа премногу желни да се борат со рускиот претседател Владимир Путин, што го вовлекува континентот во криза, рече Балаш Орбан, предупредувајќи дека треба да се откажат од таа стратегија.