Унгарецот кој ја одби екстрадицијата за Груевски ќе биде нов Комесар за пpoширување на ЕУ

Професорот Ласло Трошањи, од Унгарија, е предложен за нов комесар за проширување и соседска политика на ЕУ, соопшти денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Трошањи беше министер за правда во владата на Виктор Орбан од 2014 до јули 2019-та година. Во ноември минатата година министерката за правда Рената Дескоска поднесе официјално барање до Будимпешта за екстрадиција на азилантот Никола Груевски, но во јуни 2019, после одлуката на надлежниот суд, тогашниот министер за правда на унгарија, Ласло Трошањи, испрати писмо со негативен одговор.

Изборот на Трошањи, како и на другите кандидати, изготвен по долги преговори, треба да добие и поддршка од новиот Европски парламент, но очекува дека тоа нема да биде проблем. Сериозни кандидати за позицијата комесар за проширување беа и словенецот Јанез Ленарчиќ, како и хрватицата Дубравка Шуица, поранешен градоначалник на Дубровник.

Што се однесува до сега номинираниот кандидат, тој има позитивно мислење по однос на проширувањето на Европската Унија, став кој го има и официјална Будимпешта, но сепак тешко е да се предвиди дали таквиот став ќе успее да го наметне и врз неговите колеги во Комисијата кои се претставници на Франција, Холандија, Белгија и Данска, земји кои се поскептични на темата проширување и одлука за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

Предложениот Трошањи има и дипломатско искуство, односно во периодот од 2000 до 2004 година беше амбасадор на Унгарија во Белгија, а од 2010 до 2014 година бил амбасадор во Франција. Трошањи беше заменик член на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2005 до 2013 година, како и член на Уставниот суд на Унгарија од 2007 до 2010 година.

Трошањи е професор на правниот факултет на Универзитетот во Сегедин. Тој е роден во 1956 година во Будимпешта, а во 1980 година заврши Факултет по право и политички науки. Трошањи е оженет и татко на три деца. Член е на унгарската владеачка партија Фидез.

Извор: “Magazin.mk”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.