Денес Унијата на млади сили од Прилеп, заедно со координаторот Петар Миовски организираше посета на Манастирот „Свети Димитрија” – Селце.
Преку посета на ова прекрасно место, во подножјето на планината Селечка кај селото Селце, Унијата на млади сили и понатаму продолжува да ги промовира духовните вредности кои нашите предци ни ги пренесоа, како нераскинлив дел од македонската држава.
Светилиштето не е само за жителите на селото Селце, туку и на бакалите и трговците, на сите граѓани. Храмот е чист, дотеран со нова фасада. Нема век.
Граден е во 1933 година. Еден е од поновите куќи Господови. Во олтарот стои иконата на Мајката Божја. Таа е најстаро дело. Датира од 1908 година.
Камбанаријата ја варди црквата 58 години. Необично е што во Божјиот дом секоја недела или празник се палат 33 кандила, колку што имал години Исус Христос. Посебност е и Денот.
Покрај Свети Димитрија, се слави Ѓурѓовден. На тој сведен, црквата е предадена на граѓаните пред повеќе од девет децении.
Манастирот влече и постари и помлади, оти, како некогаш, а и сега, е место за изведување на еднодневни екскурзии во природа на основците и средношколците. Црквата е обновена и внатре и надвор. Народот помага и не штеди. Дадена е виза да се поставуваат нови икони од еден уметник во исти големи димензии.
Постепено ќе се дотера и дворот и комплексот ќе се претвори во атрактивно катче за одмор и за лете и за зиме. Во конаците не е дозволено да се прават гозби и да се свири музика, да се вијат ора и чочеци.
Може да се седне, да се напие човек кафе, да руча, да се напие чаша вино или ракија и да се предаде на Божјата убавина и природниот спокој – вели свештеникот Блажески.
Погледот од балконот е доживување. Се голта со око дел од убавините на Селечка Планина за душата да се успокои.
Четирите чешмички, Света Недела, Свети Димитрија, Света Петка и Средочна вода, се верува дека се чудотворни.
Според легендата, некој се разболел и сонил дека треба да дојде да се измие со водичката. Од неа оздравел и ја подигнал Средочна чешма во 1971 година.
Се раскажува дека прилепчанка не можела да остане во блажена состојба. Сонувала дека треба да појде во манстирот и тој ќе и “подари” дете.
Срамежливата жена го посетила храмот и родила здраво дете. Вакви случки има многу во манастирот Свети Димитрија.