Христијан Спасески е супер талентиран уметник кој создава трајни спомени. Техниката со која ги создава овие ремек дела се вика пирографија, а што значи тоа и нешто повеќе за него прочитајте во интервјуто во продолжение.
Што е пирографија и што подразбира оваа техника?
-Пирографија претставува уметничка техника на трајно нанесување одреден мотив на дрво со горење. Можи да се нанесува и на други предмети како што се кожа, плута, хартија, гума, но најприкладно, најтрајно и најуникатно е дрвото. Станува збор за техника која сака многу внимание и во која нема простор за грешки.
Кои алатки се користат за да се изработи едно вакво уметничко дело?
-За да се изработи едно вакво уметничко дело се користи пирограф чиј метален врв се загрева на одредена температура која можеме да ја регулираме соодветно на нијансата која сакаме да ја добиеме. Се користат различни врвови за различна намена.Најпрво треба да се обезбеди соодветно дрво, кое мора да биди во одбрани димензии, фино исполирано, без чворови, без различни нијанси и да е лесно согорливо. Најприкладни се липа, топола, бука и јавор. Генерално пред да се започни со горење се прави скица, со молив се нанесува мотивот што сакаме да се изработи. Откако ќе се направи скицата се започнува процесот на горење. На крајот можи да се стави боја на одредени детали, финално се става лак како заштита и сјај на дрвото.
Од каде кај тебе се разви љубовта кон овој начин на уметничко изразување и како го откри својот талент?
-Талентот од секогаш бил тука, од кога знам за себе цртам со молив. Морам да кажам дека како и многу други, и јас не знаев за оваа техника пред да почнам да ја работам. Дознав за истата благодарение на еден мој пријател-уметник Г-дин Сашо Илоски кој професионално се занимава со изработка на колаж од сламки поддржан со пирографија. Тој ми објасна какви чуда можат да се пренесат преку пирографот. После првото изработено дело кое и не беше најсовршено, развивањето на љубов во мене за правење на нешто толку оригинално беше неизбежно.
Колку време се занимаваш со овој вид на уметност?
-Речиси 2 години.
Колку време е потребно за да се изработи една слика?
-Мене лично потребни ми се околу 7 дена, во зависност од сложеноста на сликата и димензијата, но и од моето слободно време.
Дали постои интерес кај граѓаните и која група на луѓе најмногу ги бараат овие уметнички дела?
-Може да се кажи да, постои интерес кај луѓето. Самата реткост на оваа техника прави тие да се интересираат на овој начин да си ги овековечат драгите фотографии.
Дали ова твое хоби би сакал да премине во професија, односно дали си размислувал од овој вид уметност да направиш нешто повеќе од хоби?
-Нормално, кој не би сакал. Среќен сум што можам да кажам дека веќе преминува во професија бидејќи со секоја споделена слика на социлајните мрежи сѐ повеќе се зголемува побаруваноста.
Освен портрети и семејни фотографии, што се’ друго изработуваш и дали сликите се секогаш по порачка или ги работиш и за своја душа?
-Моментално само тоа изработувам, но секогаш сум спремен за нов предизвик и за нешто ново. Сликите ги работам по порачка, искрено немам време за слики за своја душа.
Со што друго се занимава Христијан, имаш ли друго занимање?
-Вработен сум во ВИК Македонија, работам како техничар.
За крај, кое е твоето мислење, постои ли можност да се живее од уметност во Македонија?
-Колку и да сакам да бидам оптимист, во овој момент не можам да кажам дека може да се живее само од ова. Општо гледано, процесот е долг и бавен, што ја прави цената прилично висока за луѓето тука. Затоа, за да ја задржам заинтересираноста на купувачите, моите дела ги продавам по цена која тие можат да си ја дозволат, цена која секако не е доволна за само со неа да се помине месецот.