Љубителите на уметноста, синоќа 25.10.2024, во Ликовна Галерија во НУЦК “Марко Цепенков” Прилеп, имаа можност да присуствуваат на отворањето на изложбата на слики “Нова димензија во создавањето 2” од академската уметница Александра Димитрова од Кочани, која за првпат пред прилепчани се претстави со 19 дела.
Уметницата Димитрова во нејзините дела визуелно манифестира сликарски автентични димензии и раскошни колоритни универзуми рече на отворањето Викторија Димеска, историчар на уметност.
-Разновидните брановидни линии обврзуваат женски портрети, коишто суптилно се преобразуваат во симболични претстави со креативен наратив и емотивен поттекст. Многуликоста на разните контрастни линии дополнително пробудува бројни доживувања и чувствувања – рече Димеска.
Уметницата со делата раскажува свои визуелни наративи во кои посетителот ќе може да ужива.