Уметник со редок талент: 18-годишната Илина од Прилеп ќе ве фасцинира со нејзините дела

Илина Смугреска e 18-годишен уметник од Прилеп. Работи карикатури, цртежи, а наместо на ФБ се рекламира во огласник

Млад уметник која црта црно бели, со туш портрети и други предмети на различни начини на претставување на објектите, околината. Илина е матурантка во гимназијата “Миче Ацев”, каде завршила јазична насока, уметничко.

Планира да продлжи во Германија на факултет за графички дизајн, непосредно поврзан со цртањето.

– Ми беше интересно, но сакам перфектни и прецизни да бидат работите. Не само да биде туку – така нацртано, туку детално. Една слика, цртеж може да ми одземе неколку саати дури да го направам, зошто сакам да имам многу детали. Перфекционист сум и сакам да биде нацртано совршено – вели Смугреска за неделниот весник “Зенит”.

Овде не гледа просперитет. Во Германија е и татко и’ и сестра и’, која наскоро ќе магистрира на мода и дизајн. Татко и’ со жица креира имиња. Што би се рекло има уметнички ген во фамилијата.

– Талентот иако го поседувам, ако не цртам, ако не работам, не може да се очекува успех. Средината е друга во Германија. Можам таму да напредувам. Подобро се опремени и работилниците на универзитетите. Учествувaв во изработка на шаблони и друго додека и’ помагав на сестра ми – вели Смугреска.

Афинитетот кон цртањето го регистрилала нејзината учителка уште како прваче кога успешно нацртала мече и зајак. Наставничката ја информирала мајка и’ дека детето има исклучителна дарба. Скроено е за цртање. Според неа, цртежот заменува илјадници зборови.

– Имам бујна имагинација. Можам премногу работи да претставам, да се искажам, подобро ќе го нацртам со било која техника, отколку да го опишам. Цртежот повеќе кажува, за тој што знае да го разбере. Сé е со линии. За портретот треба димензии, пропорции. И за карикатурите. Омилена техника ми и е акрил на лист или платно. Доста сум прецизна, на платното добро ми оди бидејќи е мазно – вели Илина.

Се изразува и електронски, односно дигитално. Темите зависат од нарачките.

– Самокритична сум. Мислам дека можам сé да нацртам. Досега сé е перфектно сработено. Зависи од тоа колку тој што ги црта, знае да ги нацрта и може да ги долови. Моите творби се разбрани, не се со загатки. Зачудувачки е што повеќе ги бараа карикатурите цртани рачно, изработени на лист, отколку во дигитална форма. Малку е чудно, бидејќи сé оди електронски. Друго е кога е нацртано со рака, се гледа дека е вложен труд. Дигиталните се многу побрзи. Електронски е полесно. Шаблони. Карикатура сум цртала два дена. Беше мошне прецизна, а електронската може и во два саати, па дури и во 10 минути – вели Смугреска.

Илина го освоила првото место од учеството на конкурсот на Локалната самоуправа за две логоа, за Трескавец и за Општината. Изработува рекламен материјал, односно покани. Нема ФБ профил, ниту користи Инстаграм. Социјалните мрежи ја изморуваат. Објавува во огласник. Промотор и’ е мајка и’, преку контакт телефон или на меил.

Работи во било кој период од денот. Инспирација наоѓа и во три часот наутро, а може да црта и попладне. Четири дена во Кратово на ликовна колонија работела на огромно платно и го освоила првото место. Добитник е на многу награди, признанија, дипломи, благодарници… Во прилепскиот музеј го цртала лапидариумот две недели со боја за ѕид. Нема тандем. Тоа не и’ менува доколку некој ја дополни. Секој има различна визија и сака сам да го заврши делото.

Според неа, уметниците различно размислуваат. Плановите и’ се за Германија каде сака да отскокнува и да биде посебна, поинаква. Впрочем, како и што изгледа и се облекува. Графичкиот дизајн за билборди, насловни и реклами и’ е предизвикот. Карикатурите се форма за вадење пари. Но, стандардот е низок.

Може да работи сé и сешто. Сама шие облека. Ја влече модата, убавината. Смета дека ќе го исполни младешкиот сон. За неа, уметниците не се разбрани, а уметноста не се цени.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.