Развојот и негувањето на надареноста и талентот кај децата (учениците) е нешто на што треба да се работи, да се поттикнува и да се развива. Тука пред се улога играат родителите, како и педагозите, наставниците во училиштата. За тоа кога за прв пат се воочува надареноста кај децата, како истата да се третира, каква е улогата на училиштето и наставниците, релацијата семејство-училиште, разговараме со Магистер Гоце Бумбароски, наставник во ООУ “Кочо Рацин”-Прилеп. Целта на овој разговор е да откриеме како детето правилно да се насочи и на вистински начин да ја унапредува својата талентираност и дарба.
Што е надареност?
Феноменот на надареноста различно е дефиниран не само во различни епохи на цивилизацискиот развој, туку и различно во одделни периоди од развојот на психологијата.
Така, на пример, во првобитната заедница надарен бил оној поединец што бил успешен ловец, во древна Грција оној што бил добар говорник, вешт воин или олимписки шампион, а пак во 20 век за кој што е карактеристичен брзиот развој на науката и техниката, тоа бил научникот или пронаоѓачот.
Кои се надарени деца?
Надарени се оние деца кои уште во раното детство се поактивни и позаинтересирани за својата средина во споредба со другите деца: многу рано почнуваат да зборуваат, имаат добро помтење, сакаат да ги истражуваат работите околу нив и да манипулираат со нив, подобро логички резонираат, брзо разбираат и го применуваат тоа што го слушнале, имаат многу развиена фантазија. Подоцна, во училиштето лесно учат, брзо сваќаат нови односи, не чекаат готови поими и информации од други. За новите вештини потребни им се помалку објаснувања во споредба со другите ученици. Постигнуваат подобри резултати во јазиците, природните и општествените науки, математиката, а некои се истакнуваат и во некои области од уметноста.
Уживаат во решавањето проблеми и чувствуваат потреба да проверуваат и да бараат нови одговори. Од аспект на креативноста, надарените ученици поставуваат необични прашања, наведуваат неочекувани идеи, имаат желба за истражување на нови области, имаат жива фантазија, широки интереси и различни видови на хоби. Покажуваат успех во активностите за планирање и организирање, социјално се добро прилагодени и често стануваат водачи на формални и неформални групи. Развојот на нивните емотивни карактерни особини зависи од нивното разбирање и прифаќање од страна на наставниците и соучениците
Кој може да направи идентификација на надареноста?
Природно е првите проценувачи на надареноста на детето да бидат родителите, бидејќи тие од најраната возраст имаат објективна можност да го перцепираат развојот на своето дете и неговите реакции во различни ситуации. Сметам дека родителите можат успешно да ги забележат општите способности или посебните дарби кај своите деца.
Која е улогата на семејството?
Семејството претставува централно место во животот на секое дете. Тое е прва емоционална и социокултурна средина во која што се развива детето. Родителите можат континуирано да ги следат сите реакции и манифестации на однесувањето на детето во најразлични ситуации.
Понекогаш родителот е склон да верува дека има надарено дете. Можеби нема?! Но родителите можат да им помогнат на децата да постигнат максимален успех со нивната дарба. За да го реализираат тоа, тие мора подобро да ја разберат надареноста, бидејќи тие можат да придонесат најмногу за стимулирање на надареноста кај децата, без да им одземат дел од нивното детство.
Мора да се признае дека во практиката не е секогаш така. Посветувањето на надареното дете бара од родителите ангажирање, нова обврска, создавање стимулативна клима, која ќе го ослободи уште повеќе да го искаже својот потенцијал. Родителите имаат пресудно значење за општиот развој на ученикот, а посебно за препознавањето и развојот на надарениот ученик.
Дали е потребна соработката помеѓу семејството и училиштето?
Тргнувањето на детето во училиште претставува важен настан во неговиот живот и во животот на неговите родители. Со самото тоа родителите му го доверуваат детето на наставникот т.е. на училиштето и заедно започнуваат да ги делат обврските: нова средина, училница, наставник/чка, наставни предмети, учебници, распоред на часови, одење и враќање од училиште, домашни задачи, оценки.
Родителите постојано треба да бидат информирани за местото и средината во која што ќе престојува нивното дете: каква е училницата, хигиената, осветлувањето, загревањето, клупите, столчињата и се друго бидејќи сето тоа може да влијае на здравјето и расположението на детето и на неговата желба за учење.
Ако родителите навреме утврдат дека нивното дете е надарено, ако им се реални очекувањата, ако му создадат соодветни услови за работа и ако во границите на нивните можности го потикнуваат неговиот развој, ако редовно соработуваат со училиштето тогаш тоа е среќно, зашто постојат елементарни услови надареноста да дојде до израз и надареното дете да успее.
Голем број на родители имаат негативен став кон училиштето и наставниците, што многу често е резултат на сопственото негативно искуство, и најчесто тие родители ја одбегнуваат соработката со наставниците. Во такви ситуации наставниците треба да се потрудат да им ја повратат довербата на родителите во училиштето како воспитно-образовна институција и да ги заинтересираат за што поголема соработка.
Наставниците средбите со родителите никогаш не треба да ги започнуваат со критикување на ученикот, туку треба да ги посочат позитивните страни на нивното дете, неговата заинтересираност кон одредени наставни предмети и сл.
Секој наставник треба да располага со основните податоци за родителите, да завземе емпатичен став, да покаже голема доверба и да знае да ги чува тајните кои што ќе му ги доверат родителите.
Која е улогата на наставникот?
Наставникот ја има единствената можност да создаде услови потеnцијално надареното дете да стане позитивен и полезен член на општеството. Тој треба да биде свесен дека на некои надарени деца им недостига синхронизираност со нивните врсници, семејството и со времето во кое живеат. Затоа, неопходно е наставникот да ги разбере чувствата на фрустрираност и изолираност кај овие деца, кои можат да се појават, бидејќи нивниот интелектуален развој е побрз од емоционалниот и физичкиот .
Тој треба да биде свесен за евентуалното несовпаѓање на интелектуалните и социјалните потреби, како, на пример: потребите за сигурност и социјално прифаќање.
Според Вас што треба да поседуваат наставниците кои работат со надарени и талентирани ученици?
Според мене наставниците, покрај знаењата од сопствените предмети, треба:
- Да ги разбираат надарените и талентираните
- Да имаат смисла за хумор
- Да можат да го направат учењето забавно
- Да се весели
- Да ги подржуваат и да ги почитуваат надарените и талентираните
- Да се интелигентни
- Да се трпеливи
- Да се флексибилни
- Да ги објаснуваат внимателно нештата
- Да се вешти во групните активности
Што значи да се биде наставник на надарени ученици?
Задачата на наставникот е да инспирира и да ослободува. На надарените ученици најмногу можат да им помогнат тие наставници, кај кои постои комбинација на две карактеристики. Прво, тие треба многу да знаат и постојано да го збогатуваат своето знаење со актуелните постигнувања во предметот што го предаваат. Второ, тие мора да имаат вонредна вештина за комуникација.
За надарените ученици креативен е оној наставник, кој има верба во младите луѓе и ги сака учениците, кој е љубезен, демократичен и полн со разбирање. Ваквите наставници веруваат дека сите човечки суштества се по природа добри и имаат потенцијали. Насочуван на такви вредности, ученикот може – да избере стил на живеење и поглед на светот – исто како и секојдневни избори, за кои повеќето луѓе не се свесни.
Треба да признаеме дека надарените деца уште од мали се способни да увидуваат значајни нешта и нашата задача, како наставници е важно да го извлечеме креативното од нив и да им дозволиме да бидат таму каде што можат да го откријат тоа што, всушност, веќе го знаат.
За крај, што би им препорачале на семејствата за односот кон надарените?
Забележувајте ги првите знаци уште во првата година од животот на детето, карактеристичните облици на однесување: како тоа се однесува на одреден звук, како воспоставува контакт, што во одредена социјална ситуација е за него карактеристично, што за детето претставува посебен интерес, како него го манифестира и сака да го задоволи и друго.
Вие не ги создавате надарените деца, туку создавате атмосфера во која детето може да ја изрази својата надареност. Сето друго е издигнување на детето
Мора јасно да ја дефинирате надареноста и да разберете како таа се развива.
Раната идентификација на надарените деца го означува најдрагоценото богатство на секој народ .
Посветувањето на надареното дете бара од Вас ангажирање, нова обврска, создавање стимулативна клима, која ќе го ослободи уште повеќе да го искаже својот потенцијал.
Охрабрувајте го и на секој начин потикнувајте ја самостојноста во акција (од хранење, преку основната хигиена до сложени моторички и останати вештини) со јасно изразен позитивен став – ти тоа го можеш.
Помогнете му да го урамнотежи погледот на големите вредности во своето врсничко опкружување.
Барајте и најдете активност во која детето може да ужива заедно со другите деца: на игралиште, во парк, во возење велосипед итн.
Помогнете му да пронајде деца со слични интереси. Важно е да сфатите како Вие ќе го пронајдете и иницирате таквото пријателство
Пофалете го своето дете, но и другите деца за нивните позитивни акции. Вниманието на детето само на неговите способности води до фрустрација
Многу надарени деца мислат дека се сакани само и/или пред се за своите способности и за се она што го прават совршено, а не поради себеси и се плашат дека нема да бидат сакани ако постојано не ги искажуваат тие способности
Покажете му на детето дека го вреднувате и цените она што е добро во него и она што знае добро да го прави.