Една судијка од Украина, по име Ала Бандура привлече внимание на социјалните мрежи со фотографија на која што има прилично специфичен изглед и стил, кој потсетува на Џокер од сагата за Бетмен, или пак – на вештерката од „Сирената Ариел“.
Не е познато кој ја објавил фотографијата. А, сеирџиите ја опсипаа жената со најразлични епитети, од кои највпечатлив, се чини, е – „ужасот на правдата”.
Сепак, се појави и приказна дека Бандура пред повеќе од 10 години преживеала напад поради својата принципиелна работа. Тогаш, непознат сторител и нанел 12 убоди со нож, но таа преживеала и успеала да се врати на својата работа.
Украинскиот портал „Сегодња“ дојде до коментар на самата судијка, која објаснува дека фотографијата настанала пред неколку години, за потребите на службениот судски гласник, а таа тогаш морала набрзина да се нашминка.
Бандура вели дека не се лути за шегите на нејзина сметка и не му се лути на оној кој ја објавил сликата на интернет.