Убаво им е на власт: Од ЛДП велат не било време за избори

Предвремените парламентарни избори во овој момент не се решение за излез од актуелните проблеми, а иницијативите на опозициските партии се поттикнати единствено од партиските интереси и желбата за освојување на власта, е заклучокот на Либерално-демократската партија по синоќешниот состанок на Извршниот одбор.

– Сега е неопходно целата енергија на политичарите да се насочи кон решавање на проблемите на граѓаните кои се предизвикани од економската и енергетската криза во Европа, велат од партијата.

Според ЛДП Владата има доволно капацитет и стручност да се справи со предизвиците и да одговори на потребите на граѓаните.

– Затоа бараме да се нормализира работата на Собранието, кое во овие моменти на криза треба да работи исклучиво во интерес на народот, а не за теснопартиските интереси на поединци или групации, додаваат од ЛДП.

Партијата ја поздравува и историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
– Голема благодарност до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј за праведната одлука, со која исправи една голема неправда која и беше нанесена на македонскиот народ и неговото право да има своја црква, велат од ЛДП.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.