Над 150 дечиња ќе учествуваат во Бадниковата поворка оваа година во Прилеп. Во центарот на градот е поставена Бадниковата пештера, а дечињата веќе убаво ја имаат научено “Вечниот Бог” и уште неколку духовни песнички, кои ќе ги испејат на Камената бина.
Тие неуморно вежбаа во изминатиот период, а во сабота наутро на Коледе, ќе прошетаат низ прилепската чаршија и до секого ќе ја пренесат празничната магија и љубов.
Оваа година Бадниковите поворки се одржуваат под мотото “Почувствувај радост”, a поворката во Прилеп ќе започне во 10часот. Покрај “Вечниот Бог”, дечињата под менторство на Викторија Георгиоска, ќе ги отпеат и песничките “Тропар на Рожденство Христово” и “Кондак на Рожденство Христово”.
“Дечињата најпрво ќе бидат пречекани од градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, а потоа со песна ќе продолжат низ уличките на Старата чаршија, од каде одново ќе се вратат пред Бадниковата пештера, а на крајот ќе се упатат до храмот Св. Кирил и Методиј – Параклис”, вели Катерина Левкоска, координатор за Прилеп на Здружението “Бадникови поворки”.
На вас останува во сабота да излезете и да ја проследите оваа прекрасна празнична манифестација.