Убава прилепска екипа и македонското сонце на највисоката грчка планина (ФОТО)

Бројна прилепска екипа, плус една битолчанка, изминатиот викенд го освоија врвот Митикас (2917м.), највисоката точка на планината Олимп во Грција. Целата авантура од почеток до крај на својот Фејсубк профил ја раскажа Протоереј Љупче Петрески, а ние ви пренесуваме во продолжение:

Олимп, престолнината на грчките богови е планина која ниту еден планинар не треба да ја “прескокне”! Олимп можеби не е меѓу највисоките во светот но, секако е меѓу најизвиканите и најпознатите во историјата на човештвото пред се’ како “Домот на боговите” од грчката митологиј и како границата меѓу Македонците и Грците. Историјата, убавата природа, потоците, привлечната шума, пејзажите, дивиот свет и целата флора и фауна, погледот од врвовите Скала и Митикас, беа доволна причина експедиција од 19-мина планинари од Прилеп, и битолчанката Наташа, да тргне кон оваа величествена планина, односно “на гости” во “Домот на боговите и престолнината на Зевс и Хера”!

Оваа предизвикувачка авантура ја започнавме во петок (23.06.2023г.) навечер. Околу 20:30 тргнавме од Прилеп, преку Битола (да ја собереме Наташа) кон Литохоро и Прионија која се наоѓа на 1100 мнв., во пазувите на планината, поточно масивот Олимп. Прионија беше нашата стартна позиција каде, поради одредени непредвидени незгоди, пристигнавме ноќта околу 2:30-3:00 часот после полноќ. Откако за кратко време се подготвивме, со ламбите на чело, тргнавме во освојување на Олимп и највисокиот врв Митикас.

Иако е вообичаено освојувањето на Митикас да трае два дена сепак, да се искачиш и слезиш од Олимп во еден ден не е невозможна мисија иако, се покажа дека е екстремно тешка и исцрпувачка. Згора на тоа, мора да се земе предвид, дека дел од ноќта ја минавме во патување а дел во пешачење, така што, речиси сите бевме ненаспани.
Од Прионија до планинарскиот дом Refuge A, кој се наоѓа на 2100 мнв, пешачевме три часа од кои дел во ноќ и низ шума која делуваше мистично во ноќта а дел за време на утринската зора. Патеката е “скалеста” и убаво уредена. Планинарскиот дом во кој пристигнавме после три часа се наоѓа на прекрасна местоположба од каде се пружа феноменална глетка кон долината од каде тргнавме и морето како завршен детал на воодушевувачката слика. Фантастично!

На домот имаше поприлично број на гости и неколку медицински лица, поради “Ultra trail marathon Olympus” кој во меѓувреме се одржуваше. Откако прописно се одморивме, продолживме кон врвот Скала. Во оваа делница излеговме од шумата на гол, каменест терен од каде се пружаа одлични глетки кон околните врвови и кон Митикас – нашата цел. Теренот беше навистина стрмен и бараше вложување на поголеми напори. Во овој дел, не пресретнаа повеќемина маратонци. Последнита етапа пред врвот Скала беше навистина напорна поради поголемиот наклон и нестабилното каменливо тло и иако цело време го гледавме врвот, никако да заврши. Сепак, конечно Скала, врвот кој се наоѓа на 2866 мнв и претставува “раскрсница” за врвовите Митикас, кон кој се оди десно, слегувајќи низ кулоарот, и лево за врвот Сколио (2911 мнв), кој се наоѓа на дваесетина минути оддалеченост.

Одовде се пружаше одлична глетка кон мистичниот Митикас. Античките Грци верувале дека на врвот на Олимп се наоѓаат кристални палати, изградени од Титаните Киклопи а украсени и декорирани со уметнички дела од Хефест, во кои живеат 12-те врховни богови. Гледајќи кон грандиозниот Митикас, ги видовме и ние … во мислите. Планот беше да го искачиме и врвот Сколио, но откако ќе ја оствариме примарната цел – Митикас. Можеби редот требаше да биде обратен, зашто откако ќе се искачиш на највисокиот и ќе ги “вкусиш” неговите убавини, да се искачуваш на понискиот е своевиден антиклимакс, односно после изедениот колач со шлаг и јагода на врвот, некој да ти понуди …парена “торта”.

Затоа после одморот, во кој беа вметнати и подготовките, оставајќи го непотребниот терет и без ранци, со кациги на главите, тргнавме низ кулоарот кон моќниот Митикас, зашто боговите се богови и не треба да чекаат! .. Згора на тоа, врховниот бог, Зевс, не знаеме од кои причини, почна да го обвива својот “дом” со облаци, небаре сакаше да го скрие од нашите погледи па пред целосно да го обвие, мораше да тргнеме и да го видиме одблиску.
Можам сега да набројувам безброј детали и ситуации кои ги преживеавме во овој, нај …опасен дел од околу тристотини метри воздушна линија од оваа наша авантура, но ќе се задржам на неколку најважни моменти.

Навистина опасен дел. Никогаш досега, ниту јас, верувам ниту останатите, не минувале низ поопасен, по животот, терен освен оние кои по вторпат го освојуваа. Карпест и многу стремен терен, надолу зјае бездна или провалија чиј крај е долу …во подножјето на планината. На прв поглед, чиниш една мала грешка и ќе имаш можност за многу кратко време да “слезиш” од врвот во подножјето … во делови. Но, откако ќе почнеш да слегуваш, ќе видиш дека не е се’ толку црно, зашто наклонот на теренот и не е толку стрмен како што првично изгледа оддалеку.

Има маркации речиси на секоја карпа, бирајќи ја најбезбедната рута, па наместа можеш дури и да трчаш. Навистина, има делови каде се потребни полу-алпинистички способности но, не е невозможна мисија ако навистина сакате да се искачите на врвот. Интересно е тоа што, токму кога ќе помислите дека: “ете, готово, на врвот сум”, погледот пред вас ќе ве изненади и Митикас ќе ви рече: “Не сум толку лесен, треба да совладаш уште еден кулоар и една вертикала пред да ме освоиш”. Надолу па повторно нагоре, лазејќи по карпите и “тресејќи” се над својот мил животец .

Потоа, уште неколку мали препреки, па делот со сајлата и тука сте, на врвот … да речеме. Сепак, треба да се мине уште еден таков кулоар, уште еден скок преку процеп и уште една вертикала и … конечно на врвот! Величествениот Митикас, на 2918 мнв!
Извици на радост и воодушевување! Меѓусебно честитање заради постигнатиот подвиг достоен за почит.

Следеше задолжителното фотографирање пред обележјето на врвот со развеаното македонско знаме. Насмеани лица, кренати раце, и восхит иако Зевс и Хера не ни допуштија целосна глетка кон “ниското”, прекривајќи го со својите бели плаштови.
Тргнавме надолу по карпите, така речено во “седечко-лизгачки” стил, за да се намали опасноста од пролизгување. Внимателно, чекор по чекор, помагајќи си еден на друг, слегувавме кон делот кој го сметавме за побезбеден.

Кога дојдовме до најопасниот дел, каде што шансите да се излизгаш надолу беа најголеми, наидовме на “дар од боговите” – планинарско јаже! Сега слегувањето беше далеку полесно и побрзо, така што за кратко време повторно се најдовме на излезот од кулоарот и, повторно, на самиот врв Скала.

По краткиот одмор, мораше да тргнеме кон планинарскиот дом и Прионија зашто ни претстоеше долг пат а згора на тоа, очигледно, не знаеме од каква причина, Зевс и Хера го променија расположението. Како што одевме надолу, тоа се влошуваше и потоа, веќе гневниот Зевс „згрме“ и истури врз нас дожд и силен град, пропратени со лут ветер. Грмеше силно, небаре беше во жолчна расправија со Хера а ние бегавме пред неговиот бес по патот кон засолништето.

Откако пристигнавме во домот, по краткиот одмор, откако стивна зевсовиот гнев, продолживме кон Прионија каде што не чекаше превозот до многу посакуваниот туш и кревет во резервираното престојувалиште во Лептокарија. Другиот ден се оддадовме на хедонизам. Продолжено спиење, плажа, капење, добра храна и најважното – одлична дружба.

Олимп е навистина планина која заслужува да биде посетена и почитувана. Пружа чувства какви што не можеш да почувствуваш на друга планина. Олимп е посебна планина. Белегот што го носи поради моќната историја, збогатена со митологијата, како и убавата природа, го прави Олимп одлична дестинација за планинарење особено, ако друштвото е убаво, како овојпат! Се’ на се, освојувањето на грандиозниот Олимп претставува одлична авантура каква што секому посакувам.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.