Златни , сребрени, емајлирани, седефести чибуци, направени од слонова и носорогова коска со разни орнаменти. Чибукот на рускиот цар Николај Романов, лулето на надвојводката Ана, приборот за пушење на Дража Михајловиќ, лулиња, бурмутници, табакери на познати европјани и турски великодостојници. Тоа се само дел од единствената мошне богата збирка од над 2500 експонати на Музејот за тутун, од кои само околу 700 се извадени на светлината на денот. Музејот се наоѓа во Институтот за старословенска култура.
Музејот продолжува да откупува експонати за збогатување на збирката, макаршто парите се проблем. Во депоата уште се цигарите и пурите што ги пушеле Черчил, Кастро, Тито и Мао и руски ,,чурути”, кои ги запираат процесите во забите, цигаретите од американските војници, кои се истовариле во Нормандија на денот “D”.
Експонати од сите континенти
Експонатите потекнуваат од сите делови на светот, освен од Северна и Јужна Америка. Малку има од Македонија, оти реквизитите за тутун биле скапи. Музејот поседува библиотека со раритетни книги, како што е вториот примерок на ,,Табакологијата,, од геманецот Јоханес Неадер од 1626 година, чиј прв примерок се наоѓа во Ватикан. Музејот располага со единствената балканска колекција на 600 каширани фотографии и оригиналани графики од 18,19 и 20 век. Во уметничката збирка има и скулптури и две макети на стари македонски куќи од тутунопроизводствените региони.
Музејска поставка на алатки за уживање на тутун била реализирана за стогодишнината на Тутунскиот Комбинат во 1973 година под стручното водење на Народниот Музеј со директор Бошко Бабиќ.
Во Европа има десетина вакви музеи, не сметајќи ги оние на големите производители на цигари. Најголемите се во Лондон, Виена, Франција и во Холандија.
Развиена мрежа за собирање на тутунски реквизити
Експонатите се купувани во странство. Биле организирани патувања до Полска, Холандија, Германија, Турција, Грција…, дури и Австралија. Повеќето се шверцувани, зашто не бил можен легален увоз. Експонатите се бесценети. По некои сметки, на собирање на колекцијата, се потрошени околу шест милиони евра. Најпрвин експонатите не биле достапни за јавноста, а во музејска форма се презентираат веќе 25 години.
– Музејот го опфаќа историјатот, уметноста, која е инспирирана од тутунот, феноменологијата на тутунот и неговото влијание во духовната свера. Поместени се експонати за уживање на тутунот во сите употребни форми, историскиот развој на начините на употреба – вели Александар Цветкоски, етнолог и кустос на Музејот.
Носечки критериум е експонатите да имаат приказна.
– Не се собирани само мртви предмети, кои ја загубиле намената. Експонатите говорат за природата на човекот и за неговиот дух – вели Цветкоски.
Чибуците се гордост на Музејот. Собрани се од различни места изработени од многу материјалиа.
-Има и златни, сребрени, емајлирани, седефести, од слонова коска или коска од носорог, скапоцени дрва или помалку вредни материјали, како килибар и други минерали. Домашните и балканските производители се препознатлови по чибуците изведени на сребрена жица или од благородно дрво, седеф и бисер – објаснува Цветкоски.
Колеција од скапоцени материјали
Збирката располага со табакери од скапоцени материјали дрво, слонова коска, потоа раскошни бурмутници, кои служеле за шмркање бурмут во времињата кога тутунот се користел за лек. Привлекуваат внимание пепелниците, наргилињата, водните лулиња за тутун и опиум и други реквизите за пушење и алати за подготовка на тутунот.
– Најчести експонати се лулињата од минатите два века. Земјените лулиња од калап датираат одамна. Има од повеќе познати производители. Некои немаат ознаки за периодот на производство, ниту работилниците, ниту мајсторите, па стручнаци проценуваат дека има и постари од примероци од 300 години – вели Цветкоски.
Чести македонски експонати во музејот се кутии за тутун од дрво, месинг и ретко од коска. Има само неколку изработени од македонски и албански златари од скопската чаршија. Тоа се должи на тоа што народот кај нас бил сиромашен, а чорбаџиите кои можеле да си дозволат повеќе, и тие не давале многу на луксуз.
– Вредноста е баснословна, ако се додадат и материјалите, уникатноста и староста на експонатите. Бесценетост се само ретките и стари графики, од кои има некои само по два примероци во светот, како колекцијата уметнички слики од Николо Славин и Константин Подушкин, кои ја отлсикуваа Македонија во периодот од 1930 до 1939 година – вели Цветкоски.
Вредноста на колекцијата е висока, оти дел од експонатите припаѓале на познати сопственици или се од реномирани производствени центри.
Приказната за лулиња ,,Мојата жена и нејзината мајка,,
Цветкоски ракажува една шеговита приказна за прибор за пушење кој се состои од лулички направени по два женски ликови.
– Приборот го нарекуваме ,,Мојата жена и нејзината мајка,,. Сиромашен чирак на златар, во едно мало место во Холандија, пред крајот на 20, ја зел за жена ќерката на златарот. Чиракот дошол домазет во куќата на својот дедо. Тој го бранел својот дедо од разочараната, од бракот, баба, која заедно со ќерката важеле за две најлоши жени во местото. Ги нарекувале оштроконџи. Но, во приказните за тутунот се е свртено ,,на глава,,, па така и во оваа, така што дедото умрел и кутриот зет останал на милост и немилост на двете оштроконѓи. Така зетот ги изработил нивните ликови во форма на лулиња и барем да пуши од нивните глави – раскажува Цветкоски.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”