Андреј Ристески е младо момче кое пред се е страшно амбициозен и секогаш мотивиран. Каратето му е главна опсесија, но не заостануваат и велосипедизмот и фотографирањето. Секоја физичка активност ја смета за добредојдена, а предизвиците за приоритет. Долга е низата на успеси кои ги забележал на домашните и меѓународните карате подиуми, има широка визија, желби и го краси голема посветеност.
Зошто карате и колку долго овој спорт е твоја опсесија?
Каратето го одбрав случајно кога имав можност да присуствувам на еден од тренинзите на К.К. Спорт 94 – Прилеп, некако ме привлече и сакав да пробам. Се зачленив во истиот клуб на 7 годишна возраст, а сега имам 18години што значи во овој спорт сум вклучен скоро 11 години. Мојот клуб е надалеку познат по своите добри каратисти и по тоа што се натпреваруваме исклучиво во борби.
Опиши ни ги твоите почетоци во каратето, кој е твоја најголема поддршка и како се движеше твојата спортска кариера до сега?
Во почетокот на мојата кариера како дете ми беше малку потешко, затоа што како дете бев буцко хахахах… Но, тоа беа првите година до две, за време додека го учев „занаетот“. Подоцна како што растев бев се повисоко, во врвот на македонското карате, во мојата категорија. Таа низа на успеси ми ја прекинаа неколкуте повреди кои што ги здобив една по друга, скршена рака, истегнати мускули, лигаменти и ред други работи кои ја стагнираа мојата кариера за скоро 2 години, а веќе бев неколку кратен државен првак. Откако се опоравив од повредите се вратив со голема желба и во 2012 изборив место за на Балканското првенство за деца кое се одржа во Херцег Нови, Црна Гора, каде го освоив второто место во категоријата „кумите машки -70кг“. Следеа успеси на државно и меѓународно ниво во 2013 година. Во 2014 година потфрлив на државното првенство, бев втор, а со тоа го изгубив пласманот за Европското првенство, но истата година на Балканското првенство во Софија, Бугарија, земав трето место во категорија „Јуниори +76кг.“ и се вратив во „трката“ за место во македонската карате репрезентација, коешто место и го добив за на Европското првенство во Цирих, Швајцарија, што се одржа во 2015 год. На тоа првенство појдов во доста добра форма, но немав среќа со ждребката и завршив како седми, што не е ни лош резултат ако се земи во предвид дека тука настапуваат каратисти од цела Европа. Исто така имам настапувано и на Светски Куп, кој што се одржа во Умаг, Хрватска 2015 година, но таму добив уште една повреда, поради која ја изгубив втората борба против Хрват. Понатаму во 2015 година на државното завршив втор, настапував и на Балканското првенство во Дубровник, Хрватска каде загубив од Хрват. После тоа се натпреварував уште на неколку меѓународни натпревари и на Државното Меѓуучилишно првенство, кое се одржа во Прилеп 2016 година. Таму бев прв. Поддршка во мојата спортска кариера се моите родители, мојот брат Димитар кој што исто така тренира карате во Спорт 94, тренерот Петар Белистојаноски и колегите од клубот, но во секој случај моите родители ми ја даваат најголемата поддршка.
Како на тебе влијае каратето како спорт и кои се придобивките од овој спорт?
Каратето содржи техники кои ја градат силата, издржливоста и флексибилноста, држењето на телото, рамнотежата и координацијата. Освен овие придобивки, каратето има и ментални придобивки како што е поголемата самодоверба. Овој спорт исто така не учи на самоодбрана. Каратето не учи на почитување, полесно соочување со предизвиците во животот и на самодисциплина. Најважно од се каратето, а и спортот не оддалечуваат од лошите пороци во животот како: цигарите, алкохолот, дрогата итн. Исто така спортскиот живот бара од нас да живееме здраво што има позитивен резултат во нашиот живот.
Што е потребно за да се успее во овој спорт, како ја темпираат каратистите формата, каква исхрана практикуваат и кои се одвикнувања се клучни за да се успее?
За да се постигне успех во овој спорт треба редовност на тренинзи, голема концентрација, слушање на забелешките од тренерот, предаденост кон каратето, одвикнување од некои нешта што моите врсници ги прават, а јас тоа време го користам за одмор и тренинг како што се: секојдневни излегувања, пропуштање на некои забави и прослави, но тоа време подоцна не го жалам, кога успехот ќе можам лесно да го зграбам, поради тие „мали“ жртви кои сум ги направил. Од страна на исхрана треба да се внимава, да не се јади тешка храна, да се јади храна која што е добра за организмот, да се внесуваат витамини, минерали, јаглехидрати, протеини и сето тоа да биди на прородна база, односно преку правилната исхрана, салати, овошје зеленчук, јаткасти плодови. Во глобала храната треба правилно да се одбира и да се едуцираме околу правилната исхрана.
Освен со карате се занимаваш и со рекреативен велосипедизам. Кој е твојот најголем подвиг на тоа поле?
Најголем подвиг со велосипед до сега ми е на релација: Прилеп-Отешево која ја извозив заедно со уште едно другарче за 3 часа и 57минути. Таму одевме за да можиме да присуствуваме на прочуената “Тур Де Галицица”, која ја возевме наредниот ден и беше со должина од 71км, со старт и финиш во Ресен, преку преминот Галицица, со голема километража на офроуд.
Што уште е твоја преокупација во секојдневието?
Друга преокупација од секојдневието освем велосипедизмот и каратето ми е фотографирањето, играње табла, дружење со друштвото и ред други работи коишто ги прават и сите други тинејџери.
За што наредно се подготвува Андреј Ристески?
Наредно се подготвувам за Државното првенство за помлади сениори, поточно кумите У21, на кое очекувам добар резултат ако ја истемпирам формата да биди најдобра во тој период, иако конкуренцијата ќе биде многу голема и силна.
За крај кои се твоите желби и замисли, за што сонуваш и какви успеси сакаш да постигнеш?
Како и секој спортист исто така и јас сакам да ги достигнам најголемите резултати во мојот спорт, а тоа се високите пласмани на престижните натпревари, како Светските натпревари, Европските натпревари и олимписките натпревари, ако каратето биде назначено како олимписки спорт, за што шансата е многу голема. Се надевам дека со многу напорна работа и мала среќа се ќе биди како што треба.