Денеска е Воскресение Христово – Трет ден. Во Водената седмица, како што се нарекува првата недела по Велигден, особено се признаваат, и по важност се издвојуваат Водениот вторник и Водената сабота.
Според старото народно верување вторниците важат за баксузни денови.
Но, не и овој! Во народот Светлиот (или Воден) вторник се смета за најдобар вторник во целата календарска година. Старите велат дека овој ден, како и Велигден, на сите им донесува радост и веселба. Исто така, ако на овој ден се роди дете, ќе биде среќно и долговечно.
Поради тоа, по некаде во селата, токму на Трет ден Велигден се одржуваат свадби, бидејќи времето на Христијанската пасха се смета за посебна благодет, па токму таа благодет сака да се пренесе и на новите сопружници и нивното новоосновано семејство.
Старите велат дека утре е добро да се оди во посета или на пат. Ако планирате токму утре да тргнете, обичајот налага да помислите и желба. Таа ќе се оствари, а на патувањето ќе ве следи среќа.
Поради сето тоа, единствената работа која православните верници на Третиот ден Велигден треба да ја испочитуваат е да се веселат и радуваат и таа радост да ја споделат со своите најдраги и најблиски. Поради тоа, знаете што треба да правите, бидејќи според народното верување на секој кој „се оглуши“ од Бога нема да му оди најдобро во животот.