Трескавец – божји рај под Златоврв

prva

На десетина километри оддалеченост од Прилеп, под врвот Златоврв, меѓу грамадните карпи распослан е манастирскиот комплекс “Успение на Пресвета Богородица” или попознат како Трескавец. Манастир нем сведок за богатото културно и духовно наследство на Прилеп низ историјата. Често ме води патот до таму, кога со пријатели, кога со странски гости кои доаѓаат во посета на Прилеп.

До Трескавец, сега со новиот пат, изграден од пред две години, се стигнува многу брзо, за разлика од порано кога се одеше пеш. Големо е задоволството што го чувствувате додека полека се искачувате по угорницата. Особено за странските посетители. Моите пријатели кога патувавме на кај манастирот не можеа да го скријат своето воодушевување од природата, од “дивиот” предел, како што често го нарекуваат. А кога ќе наближиме е тогаш нема толку зборови со кои може да се опише восхитот кај моите сопатници или изразот на лицето.

Ја оставаме колата на паркингот и последните метри до манастирот ги искачуваме пополека пешки. Стигнуваме до манастирските порти. Пред нас е извонредна градба, а зад нас останува бескраен, непрегледен поглед на прилепско поле.
Ја пречекоруваме манастирската порта. Ако некогаш тука царуваше тишината, сега се слуша звукот на машини, на алати – доказ дека се градат манастирските конаци кои изгореа пред три години. Гледаме дека забрзано се работи.

vtora

Кога и да појдете во манастирот љубезно ќе ве пречека домаќинот – отец Калист. Ќе ви посака добредојде, ќе ве остави малку да одморите од долгиот пат, за потоа да ви раскаже гордо за неговиот дом, за манастирот.

-Постојано доаѓаат посетители. Последните години од манастирскиот комплекс побудува интерес особено кај странските гости. Доаѓаат од сите страни, дури и цели делегации. Сите се воодушевуваат од она што имаат можност да го видат, да го почуствуваат – објаснува отец Калист, кој тука ја пренесува молитвата на илјадници монаси испосници, исихасти кои низ вековите се подвизувале во манастирот и околните пештери преку бојата на благодетта која Нашиот Спасител ја излева во изобилие на нестварна питомина среде суровоста на монолитските карпи.

-,,Откраднат од минатото манастирот сведочи за вечноста. Трескавец опстојувал во слава на Онаа која достојно блажена ваистина ја нарекуваме. Онаа која е почесна од Харувимите и неспоредливо пославна од Серафимите. Онаа која е Преславна Приснодева и Мајка на Нашиот Бог, нашата поборница и војвотка Пресвета Богородица”- додава отец Калист.

Просторот каде што е изграден манастирот е заштитен од сите страни. Се вели дека Бог го чувал манастирот од невреме и трескавици. Затоа местото се вика Трескавец. Со векови се пренесува преданието дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од манастирот на над 1300 метри за да го чува од чести грмотевици. И сега го има.

Палиме свеќи за здравје и потоа ја дознаваме историјата на овој многу значаен манастир не само за Прилеп, туку и за Македонија.

Комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, опожарените манастирски конаци, кои се градат, трпезарија со магерницата, магерничкиот конак и влезната порта со кула – камбанарија.

?????????????

 

На околу не само што се гради, туку и ги забележуваме археолошките ископувања што беа вршени за потребите на проектите за реконструкција, санација и заштита на конаците, трпезаријата, магерницата при што беа откриени значајни артефакти.

Како донатори на манастирот се споменуваат византиските императори Андроник II и Михајло IX а подоцна во 16 век српскиот крал Милутин, царот Душан и неговиот син Урош.

Трескавец е културно историски споменик заштитен со закон. Тој е на списокот за заштита меѓу стотте најзагрозени културно-историски споменици во светот.

Првиот христијански храм кај трескавец датирал од VI век, а во XIV век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполни 100 години бил обновен и му била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век и во 90 години на минатиот век, како и во 2013 година кога изгореа конаците.

Денешната црква е еднокорабна градба со тристрана апсида на источната страна. Страничните ѕидови се расчленети со по два пиластри кои преку лаци го прифаќаат централното кубе. На западната страна е наосот. Живописот на црквата, кој се планира следната година да се конзервира и заштити, датира од повеќе временски периоди. Најстари се фреските во егзонартексот и двата компартименти со илустрација на календарот. Манастирот поседува и други уметнички предмети како што се двокрилна врата работена во плитка резба, крстот Космитис од 16 век работен во резба и певница изработен во инкрустација. Богатиот ентериер на црквата го надополнуваа празничните икони, иконите со претстави на апостолите и други икони кои потекнуваат од 17, 18 и 19 век.

?????????????

На една од куполите насликана е претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Покрај него, во композицијата е царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска пополнета со херувими, среафими, арахангели и ангели. Осум свети војници се меѓу прозорците и тие се поинакви од вообичаените композиции.

Манастирот со години не бил само монашко седиште, туку и книжевно средиште каде што монасите правеле ракописи со широко распространета препишувачка дејност. Во него имало и библиотека, но за жал сега нема останато ништо од тоа богато наследство.

За убавините на Трескавец репортажа пред години направи и британската телевизија BBC, а на овој предел се снимаа и повеќето македонски играни филмови.

Откако разгледавме се, полека се подготвуваме за враќање назад, кон Прилеп. Попатно на моите гости им ја раскажав легендата што ја запишал Јордан Хаџи Константинов Џинот, според која султанијата Кала-Мара, која била една од жените на турскиот султан Мурат II, застанала да се причести во манастирот на пат кон вилаетот во Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест за султанијата, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала – Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастрирот и да ги заколат сите монаси. Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле по ножевите на збеснатиот аскер. Само владиката бил оставен жив за да раскажува за настанот. Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина. Кала-Мара била родена во 1417 година и се омажила за султанот во 1435 година во Едрене.

Кога стигнавме долу упативме уште еден поглед кон врвот, кон манастирот, кон божјиот рај под Трескавец. Само воздишка и ветување дека повторно моите гости ќе дојдат да го посетат манастирот, тогаш кога ќе бидат изградени конаците за да можат да преспијат и да ја почувствуваат убавината.

?????????????

 

Фото и текст : Каролина Мицевска

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.