До 15-ти март граѓаните треба да поднесат годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи. Граѓаните што во текот на изминатата година оствариле приходи од игри на среќа го поставуваат прашањето: Треба ли даночна пријава за добивките од кладилница и казино?
Приходите кои сте ги оствариле во текот на 2015 година, покрај тоа што сте имале обврска одделно да ги пријавите и за истите да платите персонален данок во текот на годината во рамките на законските рокови, должни сте и збирно да ги пријавите во Годишната даночна пријава, најдоцна до 15 март 2016 година.
Годинава задолжително поднесуваат даночна пријава граѓаните кои што оствариле дополнителни приходи, односно освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, оствариле и приходи од: кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп); авторски права; индустриска сопственост; исплатена дивиденда; капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот; добивка од награднa игрa во износ поголем од 5.000 денари; приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страни; лични примања од странство; работно ангажираниње во амбасада, мисија на меѓународна организација…; приходи остварени преку интернет (е-трговија; услуги извршени преку специјализирани страни пр. www.freelancer.com , www.upwork.com и др.; поставување на реклами на сопствени интернет страни; прогнози (дојави) на типови за спортски натпревари); и други дополнителни приходи, надвор од редовната плата или пензија.
Треба ли даночна пријава за добивките од кладилница и казино?
Доколку во текот на изминатата година сте имале среќа па сте имале добивка од некои од игрите на среќа, тогаш во одредени случаи треба истите добивки да ги пријавите, а во други не.
Како што информираат од УЈП, во случај на добивки од посебни игри на среќа: казино, спортска прогноза и автомат клубови, истите не се пријавуваат во годишната даночна пријава.
Доколку пак сте оствариле приходи од општите игри на среќа, лотарии, наградни игри, квизови и сл., кои се повисоки од 5.000 денари, тогаш задолжително треба да и тоа да го пријавите во вашата годишна даночна пријава.
На една недела пред истекот на крајниот рок за пријавување на годишната даночна пријава, од УЈП информираат дека оваа законска обврска досега ја исполниле вкупно 184.182 граѓани, од кои 950 истото го направиле по електронски пат.
Повеќе околу пријавувањето на годишната даночна пријава на следниот линк.