Живот: Владо Јованоски, пензиониран продавач
-Турканици и тепачки за млеко, масло и шеќер
За возрасните времето лета и тоа пред 40-50 години како да беше вчера. Ја бараме разликата од некогашната и денешната трговија, продавниците, а подобар соговорник нема од сограѓанинот, 72-годишниот Владо Јованоски. Цел работен век го посветил во трговијата.
-Почнав 1970 година. Поработив во магацин за прехрана од претпријатието Трети ноември, претходник на Центропромет голема фирма составена од неколку помали. Од магацинот товаравме стока за сите продавници низ градов. Се разнесуваше со камиони. Се префрлив продавач кај училиштето ,,Кире Гаврилоски,,. Појдов на заменам за пензиониран работник – се потсетува Јованоски во разговор за неделниот весник “Зенит”.
Продавачката професија била поинтересна отколку магационер. Имало многу муштерии. Најбројни биле учениците. Кога ќе навалеле при одморите, продавницата се преполнувала. Вриеж од деца кои купувале чоколадца, бомбони, мастики за џвакање…
-Омилени им беа благите работи. Лепче и паштети не земаа, оти се хранеа со печива во училиштето. Излегувавме на крај со метежот со делба по групи. Надворешната група не смее да влезе, додека внатрешната не излезат. Стававме ред меѓу најмалите муштерии – објаснува продавачот Јованоски.
Го преместиле кај зградата на Нова Македонија и ТВ. И тука се задржал кусо. Начекал турканици за млеко и други производи што ги немало доволно. Потоа во близина кај касарната, каде се продавало зеленчук и овошје. Тоа е времето кога фаќа кризата. Социјализмот понуди мирен живот, без многу стресови, но до болеста на Тито во 1979 година. Народот исплашен од евентуална воена агресијаа, го фаќа страв и потрошувачка треска. Затоа многу производи снемува.
-Немаше сапунчиња, паста за заби, прашак за перење… За леб се создаваа мешаници. За да дојди лебот чекавме сабајле од пет часот. Секој ден. Во сабота особено се бараше леб, оти во недела е неработен ден. Во недела продавниците работеа само од 7 до 11 часот. Прашак дававме на список. В тетратката имаше список на сите семејства од реонот. Се знаеше секое семејство колку има потреба од масло и прашак, според бројот на членовите. Нереди и мешаници имаше за млеко. Се туркаа, се тепаа… – кажува Јованоски за неверојатни ситуации, гледани од денешен агол.
Маслото било едно од највредните. Се барало секој ден, се чекало со нетрпение да дојде камионот да растовари. Штом дојде, се крева кој колку стигне. Или кој колку има пари. Некој шише-две, друг пет, трет и цел картон ,,дијамант,, и ,,кристал,,.
-Една зеде цел картон за себе и за од ќерка и семејството. Метеж честопати со по двајца вработени во смена. Муштериите сами го знаеја редот, живее во блиските згради и куќите – ги враќа ворасниот продавач спомените.
Целиот текст прочитајте го на ЗЕНИТ