Веќе нема дилеми, Гонзало Игуаин е нов играч на италијанскиот шампион Јувентус. Медиумите од Апенините објавија дека Аргентинецот во Мадрид ги минал лекарските прегледи и најкасно до утре ќе биде официјализиран неговиот тансфер.
Сите италијански медиуми точно напладне излегоа со ексклузивни информации дека е реализиран фудбалскиот трансфер на векот во Италија. Доказ за тоа дека трансферот навистина се случува е и ексклузивната фотографија која се појави од Мадрид, каде Гонзало вчера вечер ги минал медицинските прегледи во присуство на Марота.
Јувентус прифати да исплати 94 милиони евра, во две рати, на Наполи за трансферот на Аргентинецот, кој ќе потпише четиригодишен договор. Игуаин, како што тврди „Кориере дело спорт“ веќе изнајмил и стан во Торино. Неговата годишна плата во Јувентус ќе изнесува 7,5 милиони евра.
Од друга страна, токму реализацијата на овој трансфер, веќе се поизвесно го најавува и заминувањето на Пол Погба во Манчестер јунајтед. Потврда, според некои, за тоа е и фактот што Јувентус го тргнал Погба од сите свои промотивна материјали и службените страници на социјалните мрежи.