Традиција која трае еден век: Кој пробал знае што е слатко задоволство и највреден сувенир од Крушево (Фото)

Ако барате совршен рецепт за вкусен локум, веднаш ќе ви кажеме дека нема да најдете. Мајсторите рецептот го чуваат во најсторга тајност и го пренесуваат од генерација на генерација. Затоа не мачете се залудно и за ова вкусно задоволство чија традиција е вековна, обратете се кај луѓето на кои правењето локум им е традиција и идентитет.

Ќе погодите од прва, ве водиме во Крушево во можеби најстарата слаткарница Тагас-Балкан, која неодамна прослави еден век постоење.

Локумот и крушевски целувки се нивни препознатилив белег и вкусен сувенир без кој не може да помине ниту една посета на Крушево. Едноставно тоа е вкус на кој не можеш да одолееш.

Рецептот кој пред 100 години од Солун го донесол Ѓорѓи е истиот и во денешно време. Ѓорѓи мајсторлукот го пренесол на неговиот син Киро Тагас, а тој пак на неговите ќерки Соња и Мери. Денеска на рецептот работи веќе четврта генерација во семејството, а вкусот е задржан како од првиот ден.

Сопствениците велат дека нивниот локум ги има прошетано сите континенти на планетата, па секој странски турист кога доаѓа во Крушево прво нешто што бара е да купи локум.

Една странска поговорка вели: “Размислувај надвор од кутијата”. Крушевчани ќе се согласат со тоа, но ќе додадат “Не кога крушевскиот локум е во прашање”.

Брендот на Крушево не е само гордост на семејството кое 100 години го произведува, туку и на секој крушевчанец, па и на секој Македонец кој се гордее со сите македонски убавини.

Ако и вам ви потекоа лиги, тогаш викендов палете кола и право во Крушево на крушевско кафе, локум и чист воздух.

На здравје!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.