Карпалак – Сеќавање што не згаснува: 24 години од загинувањето на десеттемина прилепски херои
На 8 август 2025 година, Прилеп и цела Македонија ќе се навратат на еден од најтрагичните настани од поновата историја – 24 години од заседата кај месноста Карпалак, во која трагично загинаа десет прилепски бранители, бранејќи ја татковината во конфликтот од 2001 година.
Во спомен и чест на нивната жртва, во 2011 година, во центарот на Прилеп беше изграден спомен-комплексот „Карпалак“, инициран и реализиран од тогашниот градоначалник Марјан Ристески, кој и самиот беше еден од преживеаните учесници во немилиот настан.
Спомен комплексот “Карпалак” се наоѓа на раскрсницата помеѓу булеварот “Гоце Делчев” и улиците “Јоска Јорданоски” и “Васко Карангелески”.
Комплексот е длабоко симболичен – десет краци, што го сочинуваат централниот дел, ги претставуваат десеттемина херои, а на нивниот крај се издигнува светлечка кружна форма – топка која симболизира вечен живот, постојано пулсирајќи во ритамот на срцето, како што вечно ќе чука споменот на нивната храброст.
Со изградбата на овој спомен-обележје, Прилеп не доби само место за поклонение и почит, туку и современо сообраќајно решение, преку изградба на кружен тек во самиот центар на градот, кое своевремено беше целосно хортикултурно уредено, со функционални и чисти фонтани, како и модерно осветлување.
Во срцето на комплексот се наоѓа и спомен-плоча со врежани имиња на загинатите бранители – за никогаш да не бидат заборавени:
🕯 Сашо Китаноски
🕯 Нане Наумоски
🕯 Бранко Секулоски
🕯 Марко Деспотоски
🕯 Ердован Шабаноски
🕯 Љубе Грујоски
🕯 Дарко Вељаноски
🕯 Веби Рушидоски
🕯 Горан Миноски
🕯 Пеце Секулоски
Ова спомен-обележје не е само камен, туку сведоштво. Сведоштво за пожртвуваноста, за болката, за честа. И најмногу од сè – опомена до младите генерации дека слободата и мирот се вредности кои мора да се чуваат со љубов, но и со сеќавање.
Вечна слава на хероите од Карпалак! Прилеп не заборава! Македонија се сеќава!
Во продолжение и потесетување на еден трогателен говор на Ристески за време на одбележувањето на 16-годишнината од овој немил настан: