“Ти бе да не си од Бомболовци?”: Oва е историјата на едно од најбогатите семејства во постоењето на Прилеп

Семејството Бомбол било стара градска фамилија. Нема податоци од каде му било потеклото, ниту кога се доселило во Прилеп.

Според некои кажувања, Бомболовци биле дојдени од Мариово, а подруги од прилепските села. И професорот Михаил Бомбол, еден од потомците пишуваше дека не знае од каде Бомболовци дошле во Прилеп.

Најстариот документ, во кој се споменувало името на Бомбол, бил Кодикот на манастирот Трескавец, каде Ѓурѓа Бомболова, Богоја, Иван, Костадин и Јосиф подариле едно јунче во април 1788 година.

Михаил Бомбол забележал дека кај чешмата на манастирот Трескавец, зад иконата пишувало дека ја изградиле Димо Мијакоич и Јоан Бомболовиќ.

Најбогато семејство

Рускиот автор А.М. Селишчев пред две столетија забележал дека материјалната положба на Бомбол била на завидно ниво.

Во втората половина на 19 век, манифактурната фирма на Бомболови била најбогата.

Во тешките моменти, лица од градските средини го пишале своето презиме со завршница “овиќ”. Така запишал и Иван Бомболов под манастирот Трескавец.

Според Михаил Бомбол, семејството постигнало голем економски и општествен подем во 19 век. Со двајцата браќа, Ицко и Мирче Бомбол, почнала промената на прилепчани.

Да се сочуваат од чести пожари во чаршијата, подигнале здрави дуќани со камени ѕидови и сводови, т.н. маази магазини во Араста.

Ѕидањето чинело до 2000 турски лири. Тргувале со Австрија, Германија, Англија, Истанбул, Солун, каде имале консигнација и биле главни снабдувачи со стока на прилепскиот панаѓур.

Семејството ја носела стоката со бродови до Смедерово, а оттаму со карван со коли до Прилеп. Главни двигатели на панаѓурите биле Ицо и Аџи Мирче Бомбол и Аџи Илиовци – забележал Михајло Бомбол.

Богатството го претворале во недвижнини

Бомболовци, Аџи Мирче и неговите синови Христо и Коста, го вложувале стекнатото богатство во недвижности, дуќани и маази и во земјиште.

Имале чифлици во селото Крушевица, Врбјани, Големо Коњари. За економската моќ пишувал и рускиот вицеконзул Скрјабин.

Тој забележал дека Бомболовци имале капитал од 45.000 турски лири од кои 25 илјади во имот, а останатите во трговија со мануфактура и сукно.

Како видни граѓани, семејството учествувало во градскиот живот. Во книгата “Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и национална држава” се споменува дека Аџи Мирче Бомбол бил член на Црковно-училишната општина.

Бил и еден од црковните настојатели. Синот на Аџи Мирче, Коста, ја проширил трговијата во Солун и го зголемил имотот на татко му со дуќани и земјиште.

Чорбаџиското семејството живеело на “висока нога”. Домот бил уреден со мебел од Виена. И облеката била по тогашната европска мода.

Професорот Љубен Лапе забележал дека во дуќанот на Коста Бомбол во 1874 година се гореле дрва во печки од лиено железо, купени од Солун и Виена.

Видните семејства се поврзувале

Во 19 век многу се внимавало на поврзувањето меѓу повидните семејства. Бомболовци биле поврзани со Аџи Илиоски, Аџи Здравески, Аџи Митрески, Аџи Ристески, Дамјан – Петрови, Геракарови, Каракашови и многу други.

Семејството Бомбол, иако живеело во грандиозни куќи, тие биле во непосредно соседство, лоцирани кај големата кривина на градската река во близина на т.н. грчка црква. Сега нема ниту една од куќите, а семејството е исселено од Прилеп.

Бомболовци имотот го загубиле по Втората светска војна. Земјоделските имоти биле одземени со ревизијата од 1945 година без никакво решение и документ и без никакво обештетување.

Семејството посветувало внимание на образованието. Имало плејада на високообразовани кадри со факултетско образование. Ордан Бомбол бил доктор на политички науки завршен на Сорбона во Париз.

Кога се вратил во Прилеп бил директор на гимназијата. Бил и судија во Велико Трново и во Варна во Бугарија, директор на солунската трговска гимназија.

Во периодот од 1919 до 1920 година бил избран за градоначалник на градот.

И други членови на Бомбол дале особен придонес за развојот на Прилеп, Македонија, како што се Данаил Коста Бомбол и Даре Бомбол кој бил претседател на Републичкиот црвен крст.

Да не си од Бомбола

И ден денес во Прилеп постои поговорката за Бомболовци. Кога некоја девојка или младич сакаат да се облечат побогато или да трошат повеќе пари, а домашните велат: “да не си ќерка или син од Бомбола”!

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.