Прилеп е град со најмалку 1.000-годишна историја, барем така зборуваат најстарите пишани извори за историјата на градот под Марковите Кули.
Низ вековите тука се менувале власти, се менувале уредувања, градот минувал низ различни окупации, но и времиња на победа и издигнување.
Една прошетка низ Прилеп е доволна да се забележи дека тука низ годините имало различни култури. Дел од тие стилови на градба се резултат на надворешни влијанија, но постојат куќи и градби кои имаат сопствен македонски и прилепски белег.
Голем број од куќите кои се градени во минатиот век постојат и денеска, а дел од нив за жал се руинирани и оставени на забот на заборав на времето.
Сите овие куќи имаат посебна убавина, посебен раскош, сведочат за едно време и се посебни споменици на културата.
Во продолжение низ фотографии ќе ви претставиме неколку од така наречените прилепски убавици, од кои дел молат за реконструкција и враќање на нивниот поранешен сјај.
Куќата на Бектешовци
Куќата на Бектешовци, која е изградена во 1923 година и има културно и историско значење, беше целосно реставрирана во рамките на проектот на Министерството за култура за обнова и конзервација на повеќе фасади во значајни градски јадра во 2013 година.
Фасадата на грандиозниот објект сега е украсена како што била некогаш. На главниот влез се декорирани античките столбови и мермерните широки скали, а дворот е ограден со железна кована ограда, обработена од уметничките раце на прилепските ковачи. За реализацијата на проектот за обнова на фасадата, Министерството за култура издвои 3 милиони денари.
Куќата на Жеревци
Староградската куќа на прилепското семејство Жеревци, која е заштитена со закон и стара 120 години, комплетно беше реновирана во 2015 година. За обнова на куќата на Жеревци се издвоени 3,8 милиони денари. Куќата на Жеревци, според сегашниот сопственик Александар Жеревски е градена од неговиот дедо Даме во 1900 година.
Куќата од Башевци
Куќата на Башевци е една од многуте автентични градби која заслужува да биде реставрирана.
Куќата од Тоде и Марика, покрај Градската река
Катастарот во Прилеп
Куќата каде што во 1942 година, при посетата на Прилеп, отседнал Бугарскиот цар Борис III
Стара куќа во централното градско подрачје