Самонаведувачки такси возила на малку позната компанија почнаа со пробно возење во Сингапур, јави Би-Би-Си.
Возилата кои сами управуваат веќе некое време се хит во автомобилската индустрија благодарение на технолошките компании како Гугл или Убер кој најави автономни такси возила и во Питсбург.
Во Сингапур такво такси без возач покрена американската компанија Њуутономи и засега возењето е бесплатно.
Иако такси возилата сами се наведуваат, во возилото сепак ќе има возач за да надгледува како работи новата технологија.
Њутономи е нова компанија со седиште во САД која развива софтвер за таков вид возила. Ја основале двајца истражувачи во 2013 година од универзитетот МИТ.
Њутономи не произведува автомобили и користи мали електрични модели на Рено и Мицубиши. Во пробното возење учествуваат шест автомобили опремени со систем од ласери и камери што овозможува возење без возач. За пробата е одреден мал дел од градот со површина од 4 квадратни километри, далеку од центарот.