Тетово доби три нови игралишта и трибина, Прилеп уште ја чека Универзална

Тетово доби нов спортски центар со ново фудбалско игралиште со вештачка трева, терен за одбојка со вештачка трева, кошаркарско игралиште со полипропиленски под според ФИБА стандарди и трибина со капацитет од околу 300 седишта, објави денеска министерот за спорт Борко Ристовски, откако заедно со тетовскиот градоначалник Касами, го ставија во употреба новиот спортски центар.

-Ова е уште еден доказ дека инвестираме со цел и визија! Продолжуваме да работиме посветено за современа и достапна спортска инфраструктура ширум цела држава, за младите и за спортот – порача на социјалните мрежи министерот Ристовски.

Проектот во Тетово имаше експресна реализација, ако се земе во предвид дека Ристовски и Касами го најавија кон крајот на јануари годинава.

-Од средбата, Ристовски ги посочи следните работни активности во Тетово: изградба на терени со вештачки тревник во Спортскиот центар, реновирање на постојаното игралиште и поставување на монтажни трбини, како и терен со хибридна подлога. Ристовски најави и нов фудбалски терен со вештачка трева и 100 столчиња во трибинскиот простор при Основното училиште „Лирија”, додека на друга локација ќе започне изградба на ново кошаркарско игралиште со современ под и терен за одбојка – стоеше во тогашното соопштение од Министерството за спорт.

Во меѓувреме прилепчани, спортистите и спортските работници во Прилеп, се’ уште чекаат на реализација на ветувањето за ставање во употреба на Универзалната сала, спортскиот храм кој со години на милост и немилост е оставен да пропаѓа.

При последната посета на министерот во Прилеп, што се случи на на почетокот од минатиот месец, каде патем го пушти во употреба реконструираното спортско игралиште во кругот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, тој изјави дека Универзалната спортска сала во Прилеп за релативно кратко време ќе добие нов подолгорочен концесионер.

Ристовски изјави дека компанијата „Комфи Ангел“ е заинтересирана да стопанисува со овој спортски објекти и дека преговорите се веќ во тек.

Според најавите, прилепската компанија ќе вложи околу половина милион евра во реконструкција на спортската сала, а за тоа да се случи најпрво Универзална треба да биде предадена од ПУИГ на Министерството за спорт.

Прилепската спортска јавност и спортските клубови, со нетрпение очекуваат да се реализираат овие планови, па се надеваме дека ваквите планови ќе се реализираат ден поскоро.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.