Концерт на оперски арии, дуети и соло песни, во изведба на тенорот Илија Белистојаноски, сопранот Ана Митоска и пијанистот и професор Дарко Мариновски, ќе се одржи в петок 28 јули од 20.00 ч. во ЦК „Марко Цепенков“.
Концертот, поддржан од Министерството за култура, е богат музички мозаик од композиции, внимателно избрани бисери на музичката литература напишани од великаните Антонио Калдара, Џакомо Доницети, Волфганг Амадеус Моцарт, Георг Фридрих Хендел, Пиетро Маскањи, Џакомо Пучини, Џузепе Верди, Жил Масне, Марин Ламберт и Винченцо Белини.
-Секој од овие врвни музички мајстори ни оставил свое наследство во светот на операта и класичната музика, а изведувачите низ нивните интерпретации ќе ја донесат магијата на овие вистински музички чуда низ светот на емоциите, страста и чистината на вокалната изведба, додека Дарко Мариновски на пијаното ќе ги оплемени овие дела со своето мајсторство – велат од Центарот.
Податоци за изведувачите:
Илија Белистојаноски – дипломира соло пеење на Музичката Академија во Штип, во класата на реномираниот оперски пејач проф.Борис Трајанов. Учествува редовно на сите концерти во чест на проф. КостаТрпков, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет. Дебитира на сцената на Националната опера и балет во операта “Macbeth” од G.Verdi во улогата Malcolm заедно со италијански кастинг. Редовно концертира низ сите градови во државата. Непосредно по дипломирањето, освојува прво место од стручното жири на натпреварот “Лазар Јованович” во Србија, Белград. Потоа освојува Гранд При на натпреварот “Руска Романсијада” во Бугарија, Софија и со тоа, влегува во 12-те финалисти каде што на финалниот натпревар во Москва ја освојува втората награда од стручното жири. Следи покана за концерт и настап во една од најголемите сали во светот “Кремлинскиот дворец” во Москва. Учествува на натпреварот за “Руска вокална музика” во Скопје каде го освојува второто место меѓу кој во жири беше еден од најголемите баси во Русија, заслужен артист проф. Леонид Сметаников. Влегува во финалните рунди на светскиот натпревар “Belvedere” во Рига-Латвија. Илија соработувал со познати педагози од музичкиот свет како : Michael Pabst и Linda Plech (Виена,Австрија), Danusa Luknisova и Miguel Gomez Paez (Пезаро,Италија) Elda Laro (Диригент,Германија), Paola Mariotti ( Италија) која е последна и лична пијанистка на Luciano Pavarotti, Nicholas Clapton (Англија) и др. Редовен учесник е на мастер-класите на една од најголемите примадони во Италија, проф.CapucineChiaudani. Одржува 3 концерти во Југоисточна Македонија во мај 2022 год, два концерти за дуо клавири, труба и глас во Кавадарци и Скопје во септември и настап по повод 78 годишнина од ослободувањето на Куманово во ноември. Настапува на Охридско лето по повод Денот на Македонскиот јазик 5 ти Мај во црквата,,Св. Софија” 2023 година.
Ана Митоска-сопран, дипломира соло пеење во класата на проф. Славица Галиќ – Петровска, на ФМУ – Скопје. Нејзиниот репертоар се базира врз старите стилови на пеење и почетоците на белкантото, со повеќегодишна концертна дејност и ангажмани како солист во театарска, филмска музика и изведба на византиски напеви. Учесник е на неколку мастер класеви во Македонија и во странство, под водство на Ема Киркби, Бенџамин Бегби, Катарина Ливјаниќ, Јосиф Герџиков, Михаило Арсенски, Питер Шишиоли и др. Бележи настапи во Македонија, Бугарија, Италија (Сабионета,Рим), Хрватска, соработувајќи со повеќе македонски и европски ансамбли, композитори и инструменталисти, најголем дел од областа на класичната и театарската музика.
Дарко Мариновски – пијанист, дипломирана ФМУ- Скопје 1997 год. Во класата на реномираниот професор Борис Романов. Магистерските студии ги завршува 2000 год. Под менторство на проф. Јасминка Чакар. За време на студиите одржува бројни настапи и концерти во Македонија во рамките на Скопско и Охридско лето, како и концерти во Р.Бугарија. Од завршувањето на студиите до летото 2013 работи како професор по пијано и корепетиција во МБУЦ ,,И. Н. Луј,, во Скопје. Неговите ученици бележат значајни резултати.Исто така учествув во работилниците по композиција во класите на проф.Илија Пејовски и проф. Томислав Зографски, кај кои и редовно ги посетуваше часовите по модална хармонија. Од јануари 2009 година е Декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ,,ЕСРА,, Париз-Скопје-Њујорк, која функција ја извршува до денес. На овој факултет ги предава предметите композиција на филмска и театарска музика, пијано, модална хармонија и музички стилови.Неговите студенти по композиција на филмска музика бележат значајни остварувања на разни манифестации низ земјава, како и на меѓународни филмски работилници и фестивали во БиХ, Бугарија, Хрватска, САД и други земји.