Стотици граѓани денеска се собраа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на протест, барајќи правда за трагичната смрт на младата Фросина, која беше прегазена додека поминувала пешачки премин во близина на пекарата „Силбо“. Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Кривичниот суд.
Протестот почна со три минутен молк за трите девојки кои досега биле прегазени на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Последната жртва е 22-годишната Фросина Кулакова, која пред два дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин. На 20 јануари 2022 година на пешашкиот премин кај крстосницата кај трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ беше прегазена студентката Викторија Николова, а на 3 април 2015 година студентката Фросина Цековска на пешачки премин кај Универизална сала. Учесниците во протестот носеа транспарент на кој беа испишани имињата на трите девојки, кои станале жртви на несовесни возачи.
Младата 22 – годишна модна дизајнерка Фросина Кулакова, усмртена на „Партизанска” во Скопје, е погребана денеска во Неготино, за ова информираше нејзиниот татко Тодор Кулаков на Фејсбук.
– Животот уште незапочнат, најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо ни на земја, напиша тој. Почивај во мир, мила наша, мила да си при Бога, Фросинче, напиша нејзиниот татко.