Во секоја изборна единица СДСМ ќе оди со двајца носители на листи – маж и жена, најавија вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката на партијата Радмила Шекеринска.
Овој тандем добро е познат на македонската јавност. Зад нивната комбинација стои најголемиот изборен пораз од 2008-ма година.
Заев најави дека покрај него и Шекеринска ќе биде носител на пратеничка листа.
-Можам да објавам дека јас и Радмила Шекеринска ќе бидеме носители на листи, а за другото да ги почекаме органите да одлучат, рече Заев.
СДСМ покажа дека нема сила да направи промена. Во оваа партија нема место за нови, свежи кадри. Никој не може да го земе местото на растурените играчи, политичарите од транзицијата, луѓе на кои не им се мрднува од партиската функција. И на овие избори, младите кадри на СДСМ ќе бидат само лепачи на плакати и луѓе кои на терен ја делат програмата.
Тандемот Заев-Шекеринска е симбол за катастрофален пораз!
Во коалицијата „Сонце“, на парламентарните избори во 2008-ма година, Заев и Шекеринска беа едни од носечките имиња. Резултатите од овие избори покажаа што мисли народот за овие истрошени кадри. 12 години подоцна, ништо не е сменето во партијата.
Предвремените парламентарни избори во Република Македонија се одржани на 1-ви јуни 2008 година. Доверба од граѓаните побараа коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Сонце“, предводена од СДСМ.
Со освоени 481.501 глас, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ станува убедлив победник на овие избори. Освојува 63 мандати и влегува во Собранието со најсилно мнозинство.
Коалицијата на СДСМ доживува дебакл. Освојува 233.284 гласови со кои добива само 27 пратеници.
Тоа се резултатите кои тандемот ги издвојува на избори. Истиот тандем Заев-Шекеринска, рамо до рамо, бараат поддршка и во 2020-та година.
Но, Заев и Шекеринска не се единствениот кадар со кој СДСМ на овие избори покажува дека не е способна партија за промени.
Како носител на листа се споменува и министерот за здравство, Венко Филипче чиј мандат е одбележан со низа скандали и крупни афери.
СДСМ на изборна трка најверојатно ќе ја прати и Мила Царовска, екс-министерката за труд и социјална политика која не направи ниту еден добар проект за граѓаните.