Таленти нема што: Автентичната патека со калдрма “Крали Марко” општина Прилеп ја замени со асфалт

Наместо да ја реконструира и поправи автентичната калдрма на туристичката патека „Крал Марко“ во најстарата населба во Варош, која веќе неколку години беше запоставена и уништена, Општина Прилеп ги извади камењата и постави асфалт – објави порталот “Инфо Компас”.

Патеката заедно со амфитеатарот во Варош се изградија во 2007-ма година и се реализираа како дел од проектот „Варош, културна гордост – ревитализација на комплексот Маркови кули“. Туристичката патека ги поврзуваше и поминуваше покрај најрепрезентативните споменици од сакралната и профаната архитектура во Варош, како што се црквите Св. Димитрија, најстарата црква во Прилеп Св. Никола, црквата Св.Богородица Пречиста, Св. Атанасиј, манастирот Св. Архангел Михаил и средновековните тврдини во должина од 1.000 метри.

Патеката беше изработена од природен материјал – камени плочи. Покрај патеката порано имаше поставени и канделабри, клупи за одмор на туристите, корпи за отпадоци и информативни табли. Сега најголем дел од тоа е искршено.

Од оваа оригинална патека останати се само мали делови во катастрофална сотојба, а еден дел од патеката пак е комплетно ископан заради промена на канализациона и водоводна мрежа и кој најверојатно и тој ќе биде покриен со асфалт.

Инаку за лошата состојба на патеката во која истата се наоѓаше со години “Инфо Компас” пишуваше уште лани во февруари кога жителите на Варош бараа итна реконструкција на патеката, но никој од нив не спомена асфалт.

Сега овој препознатлив белег на Варош комплетно ја изгуби својата оригиналност и намена за кој беше и граден.

Видео прилогот погледнете го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.