По кратко и тешко боледување во Словенија почина големиот промотор на македонската култура во дијаспората и ширум светот, музичарот Љубен Димкаровски, кој беше прва труба во Љубљанската филхармонија, и основач и водач на групата „Пела“ со која ја промовираше македонската музика низ целиот свет.
Во последните години светот го запозна Димкаровски како прв и едниствен изведувач на праисториска фрула, најстара фрула во светот, со која на музичката јавност и покажа дека големите класици може да се отсвират на праисториска фрула. Последните години од својот живот Димкаровски ги помина во патувања и предавања по светот. Во неговото срце беше Македонија, македонската песна и македонската црква.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи изразува длабока и искрена жалост што Република Македонија загуби голем македонски деец и промотор на македонската култура, се наведува во соопштението од Комисијата.