Сусамот крие мал милион чуда и помага за се’ и сешто: Толку ситно, а толку корисно

За лековитото дејство на сусамот против ќелавост, првут, забоболка, ишијас и нарушување на доењето знаеле уште старите Египќани, Асирците, Вавилонците, Индусите и Кинезите.

Семето на сусамот содржи висока концентрација на фитостерол, хемиска материја слична на холестеролот и која има моќ да го регулира нивото на холестерол во крвта, да го подобри имунитетот и да го намали ризикот од појава на одредени видови карцином.

Исто така, маслото од сусам помага против појавата на тромб, односно згрутчување на крвта, како и против долготраен запек. Оттука, тоа се препорачува за отстранување на цревните паразити, за чистење на цревата и за лекување на хемороидите. Во народната медицина, сусамот се користи во лекувањето на повреди, акни, чиреви, брадавици и изгореници.

Сусамот е многу богат со железо, а во него се присутни и други минерали, како: калциум, манган, бакар, магнезиум и селен. Од витамините, во сусамот има најмногу витамин Е, кој е моќен антиоксиданс, но тој е одличен извор и на витамин Б1, фолна киселина, пиридоксин Б6, ниацин и рибофлавин.

Понатаму, во него има сезамин кој е важен во заштитата на црниот дроб, како и лигнан кој ги намалува холестеролот и крвниот притисок, а го зголемува витаминот Е. Сусамот е делотворен против воспаленија и болки од ревматоиден артритис, како и при напади на астма. Најпосле, во азиските земји, сусамот се смета за силен афродизијак.

Сусамот најмногу се одгледува во Кина, Индија и Судан. Во Македонија, сусамот се одгледува на околу 1.000 хектари, а просечниот принос е 300-400 килограми од еден хектар, односно годишно се добива по 400 тони сусамово семе. Тиквешијата е главно подрачје за одгледување сусам.

Семето на сусамот содржи 45-60% квалитетно масло, кое се користи во производството на масло за јадење, маргарин и путер и како додаток на пекарските производи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.