Во прилепското финале, вчера во градот под Марковите кули, градските ривали Младост 96 и Младост го одиграа финалниот натпревар од Супер лигашкиот плеј оф.
Со резултат од 4:1 екипата на Младост 96 предводена од тренерот Гоце Тошески, го заврши патот кон првата титула во Макеодонија во пинг понг, онака како што ја започна сезоната, убедливо славејќи во секоја пинг понгарска пресметка.
Младост 96 супериорно ја заврши сезоната, забележувајќи дваесет победи од исто толку натпревари, што е своевиден рекорд во македонското пинг понг првенство.
Српскиот интернационалец во редовите на Младост 96, Стефан Костадиновиќ, го отвори резултатот за водство од 1:0 против Теодор Кироски. На 2:0 за Младост 96 зголеми Петар Костовски, кој славеше против Теодор Волканоски, за кого ова беше прво финале на еден плеј оф натпревар.
Во реприза на овогодинешното финале на Државното првенство за сениори, Кристијан Станојковски повторно славеше над Ѓоко Јочкоски, за убедливи 3:0 за Младост 96.
Единствената победа за Младост ја извојува Кироски во мечот со Андреј Лашкоски.
За конечни 4:1 се погрижи Костадиновиќ, надигрувајќи го Јочкоски, со што Младост 96 се закити со титулата првак за сезоната 2020/21.
Шампионскиот тим на Младост96: Стефан Костадиновиќ, Кристијан Станојковски, Петар Костовски, Александар Рикалоски Андреј Лашкоски и Раиф Рустемовски.