Суеверието кај мариовците: Верувале во натприродни суштества, но овој обичај имал посебно значење во нивното живеење

Мариовците биле многу суеверни. Вампири, самовили, зли духови и слични натприродни суштества царувале во нивната фантазија. Им ја возбудувале душата и оставале силен впечаток. Верувале во демони и си ги претставувале во поконкретна форма, се обидувале постоењето да го поврзат со практични цели на животот.

Карактеристично за верувањата духовниот поглед на силите кои дејствуваат само според желбата на Бога. Таквото однесување на духовниот живот претставува отклонување од христијанска вера и еден вид верување во многубоштво. Селаните дури и кога формално се исповедале на еден Господ, имале слаба претстава за него и не биле добри христијани.

Во црква оделе само еднаш до двапати годишно. Се причестувале едвај еднаш на четири години. Имале сосема слаба претстава за моралните задолженија.

Најраспространето суеверие, длабоко вкоренето меѓу населението, било почитувањето на Света Петка. Се состоело во празнувањето на секој петочен ден. Но, не во чест на воспеаната светица Света Петка од страна на Светата црква, која што се слави само еднаш годишно (на 14 октомври) и која селаните ја разликувале од нивната Света Петка, туку поради стариот обичај останат кој знае од кога и посветен кој знае кому.

Тоа се должело на околноста што постоела потполна идентичност во звучниот изговор меѓу зборот петок како ден од неделата и зборот Петка – името на светицата.

Суеверното население на Св. Петка и ја припишувало моќта да ги заштитува и застапува пред Бога, да ги претпазува од суша, болест, неплодност, грмотевици и воопшто од многу несреќи и пакости. Во замена, таа барала да ја почитуваат, празнувајќи го петокот.

Ја опишувале како жена која што ноќе оди до вратите на човечките живеалишта, тропа, се качува на покривите, се покажува од камините само со лицето, или пак целата и секогаш гола, им диктира услови за нејзино редовно празнување, им се јавува насон повеќе на жените и тогаш, на едни им држи говор, на други им издава пресуди, а на трети има ја претскажува иднината итн.

Интересно било празнувањето на мажите. Тие во петоците слободно собирале дрва, носеле ѓубре на нивите, ги поправале ралата, копале… Вршеле секаква работа, но морале да се воздржат од орање. Тоа ја потврдува вистината дека Мариовците биле силно приврзани кон земјата и дека затоа í посветувале најголемо внимание.

За петочното празнување само жените се покажувалеа како фанатици. Почнувајќи од вечерта спроти петок, слично на Евреите во сабота, не фаќале ништо целиот петочен ден, сé до вечерта.

Неделата не ја празнувале, како петокот. Многу објаснувања биле употребени да се уверат дека празнувањето на петокот е груба заблуда, глупост која не треба да ја повторуваме, затоа што други ја правеле пред нив. Залудно.

Селаните не сакале да се убедат! Дури тоа го земале како повод да обвинуваат други за безбожништво, за ерес и за поткопување на христијанската вера.

Некој дедо Григориј, за време на своето обиколување на Мариово, вложил многу труд да го искорени суеверниот обича. Бил строго осуден и од христијанска гледна точка. При убедувањата ги истакнувал отворено практичните резултати за укинување.

Зашто 52 петоци во годината се голема заблуда за полските работи. Залудно го загубил од влијанието што го имаше кај населението.

Крсто Бинев Андонов е малку позната личност од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Оставил значајни записи на народни умотворби, етнографски материјали, баења, лексички материјали, описи на носиите. Познат е и како поет, автор на една стихозбирка од 1909 година.

Син бил на Бино Андонов, даскал од селото Витолиште, за кого во романот Крпен Живот пишува Стале Попов. Крсто е роден околу 1885 година во Витолиште. Татко му, сакајќи да го школува за свештеник, го испратил во Цариград. Крсто не го завршил училиштето од разни причини. Потоа се школувал во битолската гимназија која ја завршил во 1908 година. Бил учител во Витолиште, Бешиште и во Полчишта. Под нејасни околности бил убиен во април 1918 година.

Од записите на Крсто Бинев Андонов

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.