Денеска се одиграа трите бараж натпревари за пополнување на Втора македонска фудбалска лига.
Пласман во Втората лига за следната сезона обезбедија Шкендија Арачиново, Слога Виница и Тетекс.
За Прилеп и прилепскиот регион во фокус беше натпреварот на стадионот во Ѓорче Петров, каде пласман во Втора лига бркаше ФК Големо Коњари.
Иако Тетекс водеше со 2:0 до 87. минута, фудбалерите на тимот од прилепско и со играч помалку, успеаја да израмнат на 2:2. Стрелец на двата погодоци во финишот на натпреварот беше Беким Алимоски во 88. и во 90. минута.
Следуваше изведување на пенали, каде тетовчани беа поуспешни.
После натпреварот се огласија од ФК Големо Коњари, од каде упатија честитки за ангажманот на екипата. Од клубот сметаат дека судиите со црвениот картон и неколку досудени непостоечки офсајд ситуации, го оштетиле Големо Коњари, а како пример објавија видео од една од спорните ситуации, каде судиите досудија офсајд.
ФК Големо Коњари сега ќе чека шанса за пласман во Втората лига преку жрепка, во која два од трите поразени тима денеска ќе станат второлигаши.