Струмица ја пречека иконата Богородица Брзопомошница

На градскиот плоштад во Струмица почна церемонијата за пречек на иконата Пресвета Богородица – Брзопомошница, подарок од светогорскиот манастир Свети Дохијар и игуменот Григориј за струмичката епархија.

strumica-ikona

Според црковните лица, автентичната копија на чудотворната икона ќе биде пречекана на плоштадот од струмичкиот митрополит господин Наум и дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј.

– Ќе ја пречекаме иконата и ќе изведеме чин на доксологија, еден побожен пречек односно добредојде за образот на Пресвета Богородица, каде што ќе читаме канон. Потоа ќе формираме литија, на чело со владиците, граѓаните, монаштвото и ќе одиме во храмот на Светите 15 тивериополски свештеномаченици каде ќе биде почивалиштето на иконата. Тука ќе биде изложена на поклонение на граѓаните, вели отец Јаков.

strumica-ikona-2

Нагласи дека ова е многу важен и значаен момент за струмичката епархија и верниците, зашто, како што рече, многу ретко вакви автентични икони се подаруваат.

– Ова е многу значајно за нас. Самата икона на Богородица е наречена брзопомошница, зашто таа на монахот на кој му го вратила видот во Светогорскиот манастир му порачала дека нејзиниот образ ќе се вика брзопомошница, велејќи дека секој што ќе и се обраќа и ќе ја повика, бргу ќе го послуша и нема да задоцни со нејзиниот одговор односно исцеление, додаде отец Јаков.

Иконата висока 180 сантиметри со позлатена рамка ќе стои на специјална подлога во манастирот „Св.15 тивериополски свештено-маченици“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.