Стразбур пресуди во корист на Спиро Ристовски за “27 април” : Поранешниот министер неосновано бил држен во притвор

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) донесе пресуда во која се посочува дека на поранешниот министер за образование и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“, објавува Плусинфо.

Државата ќе треба да му плати оштета од вкупно 2.250 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата.

Судот во Стразбур утврдил дека недостигаат релевантни и доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено биле разгледувани жалбите коишто се поднесувани за притворите, што е прекршување на член 5 ставови 1, 3 и 4 од Конвенцијата.

„Од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година (периодот релевантен за случајот пред Судот) на Спиро Ристовски 14 пати му бил продолжен куќниот притвор, поради ризикот од негово бегство. Писмените поднесоци на обвинителот како одговор на жалбите на Ристовски против 13 од налозите за продолжување не беа доставени до жалителот. Одлуките на Апелациониот суд со кои се отфрлаат жалбите на вториот жалител против наредбите за продолжување од 25 декември 2019 и 23 јули 2020 година, му биле доставени на 6 февруари и 25 август 2020 година соодветно. Во април 2023 година – како што објавија медиумите – апелациониот суд ја укина пресудата на Ристовски и го врати предметот на повторно разгледување. Тој се жалел според членовите 5, 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини и одложено преиспитување на неговиот домашен притвор, како и на неиспраќање копија од писмените поднесоци на обвинителот“, наведено е во пресудата.

Плусинфо разговараше со адвокатот на Спиро Ристовски, Коста Богданов, кој вели дека во пресудата на Судот во Стразбур констатирана е повреда во делот на неоснованоста на притворот.

– Спиро Ристовски беше во притвор од февруари 2019 до крајот на 2020 година, некои 21 месец. Во поголем дел беше во домашен притвор, меѓутоа Стразбур не прави разлика во однос на оправданоста на притворот – дали е куќен или институционален. Така што, со оваа пресуда утврдена е повреда на Член 5, којшто го штити правото на слобода и предвидува одредена законска постапка и за човек којшто е лишен од слобода. Со оваа пресуда практично е утврдена и повреда во материјална смисла, односно дека притворот неосновано бил продолжуван, а причините кои биле давани од страна на судовите не се доволни и не се релевантни согласно стандардот на Конвенцијата за да би го оправдале продолжувањето на притворот. Ова е показател и доказ дека реално неоправдано бил држен во притвор толку долго време и дека постапката по којашто бил утврден притворот била нефер, па Судот во Стразбур и во тој дел утврдува повреда. Контрадикторноста на постапката не била запазена, па со самото тоа и постапката за притвор не била правична – ни објасни Богданов.

За жал, додава тој, ние како држава немаме механизам како другите држави кои можат на утврдена повреда од Стразбур да може човек да бара надомест на штета.

– Ние имаме механизам, но тој не опфаќа пресуди од Стразбур. Преку тој механизам се поднесува барање до Министерството за правда, но тоа е само доколку човек бил неосновано бил во притвор, а потоа бил ослободен од обвинение, па сега бара надомест за сите денови поминати во притвор. Не е доволно Стразбур да утврди потврда, бидејќи на некој начин обврска на државата е да се извини и да даде некоја дополнителна материјална или нематеријална сатисфакција преку сопствен механизам, којшто ќе ја валидира таа пресуда од Стразбур за да не биде само медиумски покриена – објаснува Богданов.

Освен за Ристовски, кој поминал 21 месец во притвор, идентична пресуда поради неоправдано продолжување на притворот има и за Митко Пешов, раководителот на одделот за посебни единици во полицијата, кој за „крвавиот четврток“ беше осуден со казна затвор од 15 години.

Во ноември минатата година Судот во Стразбур слична пресуда донесе и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кому неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор во два судски случаи – за „27 април“ и „Шпанските скали“. Државата и нему ќе треба да му плати оштета од 3.900 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата, како и 2.200 евра за трошоци и расходи.

Пресудата на Судот во Стразбур може да ја погледнете ТУКА.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.