Силното невреме кое вчера го зафати Прилеп предизвика енормно зголемување на водостојот на Градската река, што пак одново во две недели предизвика големи проблеми во населбата Сточен Пазар, кај улицата „Трајко Николоски“, каде се гради новиот мост.
Градилиштето одново се претвори во големо езеро и одново интервенираше механизацијата со цел да не настане поголема поплава во населбата.
Жителите од населбата Сточен пазар со секој летен дожд стравуваат од ова градилиште, каде градоначалникот вети дека ќе се изгради најубавиот мост во Прилеп.
Градбата на мостот започна пред една година, а според договорот мостот требаше да чини над 500.000 евра.
Пред две недели општина Прилеп упати соопштение до медиумите со кое информираше дека улицата “Трајко Николоски” ќе биде затворена за сообраќај во наредните два месеци.